ВМРО-ДПМНЕ покажува дека ЗЕЛС е само обичен партиски комитет на нивната партија, а Орце Георгиевски е само една обична фигура на чело на ЗЕЛС, порача денеска градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, додавајќи дека неговата порака за напуштање не била сериозно сфатена.
„Мојата најава дека доколку министрите во владата на Р. Македонија продолжат на ваков начин да вршат притисок и неодговорно да се однесуваат кон општина Карпош дека ќе го напуштам ЗЕЛС, очигледно дека од владејачката партија не ја сфаќаат сериозно и вчера ми одговорија НЕ преку претседателот на ЗЕЛС. Мојот апел беше упатен кон ЗЕЛС, но никако во ВМРО-ДПМНЕ. И гледате, преку нивното партиско гласило Курир, ми одговараат дека, пазете, сум се решил на „очајнички потег и напуштање на ЗЕЛС. Познавачите на состојбите толкуваат дека се работи за приземен, незаконски, неодговорен, неинвентивен чин на привлекување на внимание“, рече Јакимовски.
Додаде дека ЗЕЛС покажа оти нема никаква врска со чадор, заштитник и промоција на идеите и развојот на локалната самоуправа.
„Ова само јасно покажува дека господинот Орце Георгиевски е само една обична фигура на чело на ЗЕЛС, а дека целата политика ја креира таму неговата партија“. рече тој.
Потенцираше, дека доколку претседателот на ЗЕЛС продолжи немо да ги следи случувањата и притисоците и не преземе чекори за вразумување на неговите министри, тогаш нема зошто Карпош да биде дел од тие институции.