Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го презентираше Годишниот извештај „Индикатори за степенот на слободата на медиумите и Индекс на безбедноста на новинарите 2025“, кој нуди сеопфатен преглед на медиумските слободи, професионалната независност и безбедноста на новинарите и медиумските работници во Северна Македонија.
Извештајот покажува дека во 2025 година се забележани одредени позитивни поместувања, меѓу кои воспоставувањето регистар на онлајн медиуми и изборот на нови членови на советите на медиумскиот регулатор и на МРТ. Сепак, суштинските реформи и целосното усогласување на националното законодавство со регулативата на Европската Унија, вклучително и со Европскиот акт за слобода на медиумите (EMFA), сè уште не се завршени.
„Практичната примена на законските гаранции останува недоследна, додека независноста и ефикасноста на дел од институциите и понатаму се предмет на јавни дебати“, пишува во извештајот.
Посебен дел од извештајот е посветен на Индексот на безбедноста на новинарите, кој ги оценува условите за работа преку четири клучни димензии: правното и организациското опкружување, превенцијата, институционалните постапки и фактичката безбедност.
Наодите покажуваат подобрена институционална реакција во дел од случаите на физички напади, но сериозни предизвици и натаму претставуваат онлајн заканите, говорот на омраза, јавните дискредитации, економската несигурност и недоволно ефикасната борба против неказнивоста.
Од ЗНМ наведуваат дека особено загрижува порастот на онлајн вознемирувањето и сексистичките напади насочени кон новинарките, што укажува дека дигиталниот простор станува сè поризична средина за професионално новинарство.
Извештајот нотира и дека економската ранливост на медиумите останува еден од клучните проблеми. Нискиот социо-економски статус на новинарите, особено во приватните и локалните медиуми, недоволната сигурност на работните места и ризиците поврзани со повторното воведување државно рекламирање можат негативно да влијаат врз медиумскиот плурализам, уредувачката независност и транспарентноста при распределбата на јавните средства.
Годишниот извештај е изработен во рамките на регионалната мрежа SafeJournalists, која годинава одбележува десет години постоење. Мрежата претставува најголема регионална иницијатива за следење на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Западен Балкан, во која ЗНМ учествува заедно со партнерските новинарски здруженија од регионот.
Во изминатата деценија, SafeJournalists разви единствена и стандардизирана истражувачка методологија, која овозможува споредливи, релевантни и веродостојни податоци за земјите од регионот. Наодите и податоците од извештаите на ЗНМ се користат и како референтен извор во меѓународни извештаи за состојбата со медиумските слободи и човековите права, вклучително и во документи на Европската комисија и Стејт департментот на САД.
Извештајот претставува значајна алатка за креирање политики засновани на докази и за следење на реформите во медиумската сфера. Борбата против неказнивоста за нападите врз новинарите, усогласувањето на домашната регулатива со европските стандарди и подобрувањето на професионалните и економските услови за работа остануваат клучни предуслови за слободно, безбедно и независно новинарство во Северна Македонија.
Извештајот е објавен на македонски, албански и англиски јазик и е достапен на веб-страницата на ЗНМ.
Share: