Парламентот и Владата се обврзаа да почнат и да ги спроведат како приоритет релевантните уставни измени, со цел во Уставот да се вклучат граѓани кои живеат во границите на државата и кои се дел од други народи, како Бугарите. Ова се наведува во извештајот на Европската Комисија за напредокот на Македонија, пришто се додава дека процесот на преговори за пристапување во ЕУ бара широк консензус од политичките партии.
Европската комисија во извештајот нотира и дека работата на Парламентот била нарушена со политичка поларизација, која дополнително е продлабочена, одложувајќи го усвојувањето на многу реформски закони и важни именувања.
Во некои случаи, како што се наведува, има прекумерна, а понекогаш и несоодветна употреба на брзите процедури и на процедурата за европското знаменце кое треба да се користи само ако е поврзано со усвојувањето на закони за усогласување со правото на ЕУ, а не за кратење на јавната дебата за важни прашања.
Претседателката на ЕК Урсула Фон дер Лајен денеска на прес-конференцијата во Брисел истакна дека историјата на проширување е успешна економска приказна без преседан, а истовремено е и инвестиција во безбедност на ЕУ, бидејќи интегрирањето нови членки ќе ги заштити од странски мешања и го стабилизира европското соседство.