Денеска се одржа десеттата седница на Работната група за реформи во изборното законодавство, на која продолжи разгледувањето на предлозите за измени и дополнувања на Изборниот законик во согласност со обврските од Реформската агенда.
Членовите на Работната група ги разгледаа препораките на ОБСЕ/ОДИХР кои произлегуваат од претходните изборни циклуси, при што најголемиот дел од препораките за кои беше постигнат консензус се прифатени и соодветно вградени во предложените решенија. Воедно беа разгледани и предлозите доставени од политичките партии и надлежните државни институции.
Целта на предложените измени е понатамошно усогласување на изборното законодавство со меѓународните стандарди, јакнење на правната сигурност, унапредување на транспарентноста на изборниот процес и имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Со тоа се создаваат услови за дополнително зацврстување на демократските процеси и јакнење на довербата на граѓаните во изборниот систем, посочуваат од Министерството за правда.
Работната група констатираше дека е постигнат значителен напредок во подготовката на измените и дополнувањата на Изборниот законик. Најголемиот дел од клучните прашања се веќе разгледани, а во наредниот период ќе продолжи усогласувањето на преостанатите предлози со цел подготовка на конечниот текст.
Следната седница на Работната група е закажана за четврток, на која ќе бидат разгледани останатите отворени прашања и ќе се финализираат предложените решенија. Се очекува во краток рок да биде подготвен сеопфатен предлог-текст на измените и дополнувањата на Изборниот законик, кој ќе ги одразува постигнатите усогласувања и прифатените препораки.