Членовите на собраниската Комисија за европски прашања дадоа поддршка за Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, по скратена постапка. За овој предлог-закон немаше доставено амандмани од овластени предлагачи. Комисијата за европски прашања го проследи Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги по скратена постапка на натамошна постапка во Собранието.
На седницата на оваа Комисија присуствуваше и министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу, но не го образложи Предлог-законот.
Во образложението за овој Предлог-закон поставено на собраниската веб-страна се посочува дека со измените и дополнувањата се усогласува Законот за аудиовизуелни медиумски услуги со барањата дефинирани во Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги од 2018 година (ЕУ) 2018/1808, а кои се поврзани со регулирање на услугите по барање и на платформите за споделување видеа, како и промените во навиките на публиката кои потекнуваат од овие новитети детално објаснети во Проценката на влијанието на Европската Комисија.
Со ваквите измени се создава правна рамка која ги опфаќа сите услуги што нудат аудиовизуелни содржини, без разлика која технологија се користи за пренесување на содржините, се додава во образложението.