Изгаснати девет пожари на отворено, во Гевгелија пронајдени неексплодирани гранати, соопшти ЦУК

pozari-3.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека имало вкупно 1. 975 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, во последното деноноќие.


Од центраот информираат и за вчерашната конституитивна седница на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи на којашто присуствуваа членовите, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и министерот за здравство Арбен Таравари, како и раководителот на Група за процена на ризици и опасности и директор на ЦУК, Стојанче Ангелов. На седницата присуствуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски. Со седницата раководеше министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Директорот на ЦУК и раководител на групата за процена, Стојанче Ангелов, ги запозна присутните со прогласената, популарано именувана, „мигрантска“ кризна состојба на јужната и северната граница, како и кризната состојба во КПУ „Идризово“. Воедно, Ангелов, даде детална информација за бројот на пожари на отворен простор, штетите од пожарите, начинот на функционирање на системот за гаснење на пожарите како и за ресурси што се на располагање за гаснење пожари на отворено. Инаку, вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, заради неодложни обврски не присуствуваше на седницата.

Вчера имаше девет пожари на отворено, сите се изгаснати од пожарникарите и активни пожари утрово нема. Пожарите на отворено биле во општините: Општина Гази Баба, ул.Зендел Џемаил (горело ѓубре); Карпош, покрај ул.„Скупи“ (горело ѓубре и сува трева); Арачиново, крај стариот пат за Арачиново (сува трева и грмушки); Сарај, с.Копаница (стрниште); Битола, с.Габалавци (ѓубриште); Струга, во реон кон ГП „Ќафасан“ (ѓубриште); Свети Николе, кај с.Горобинци (изгореле грмушки и сува трева, нискостеблеста шума и помошен објект); Општина Кочани, кај с.Облешево (стрниште) и во Општина Куманово, кај населбата „Диво Насеље“ (горела сува трева).

Регионалниот ЦУК Струмица, известува дека преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, била добиена дојава за пронајдени стари неексплодирани убојни средства (НУС), кај с.Моин, Општина Гевгелија, во близина на границата со Република Грција, и веднаш е известен пиротехничар од ДЗС Струмица за безбедно да се отстранат опасните стари неексплодирани убојни средства. Се препорачува на граѓаните кога ќе најдат НУС од минатите војни, да не ги фаќаат и поместуваат, туку едноставно да се јават на 112 во ЦУК за нивно безбедно неутрализирање според стандардни оперативни постапки.

Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK