Од институтот за јавно здравје посочуваат дека се направени епидемиолошки анкети на сите 16 лица кои се доставени од списокот и е направено и тестирање на две лица кои пројавиле симптоми на птичји грип, но резултатите биле негативни.
„На ден 21.10 согласно протоколите, направено е тестирање за птичји грип во Одделение за вирусологија во ИЈЗ референтна лабараторија, која е меѓународно акредитирана за дијагностика на инфлуенца грип од хумано и анимално потекло, на лице кое во епидемиолошката анкета има наведено дека 1 ден имало симптоми на покачена телесна температура. Воедно е тестирано на ист начин и второ лице вработено во ЗОО кое не е на доставениот список од 16 луѓе вработени во ЗОО, но на ден 21.10 се пријавило во ИЈЗ со тековни симптоми. Ве известуваме дека по добиените резултати од спроведените тестирања, двете лица се негативни за птичји грип“, велат од ИЈЗ.
Директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска вчера изјави дека здравствен надзор согласно протоколите не подразбира карантин и изолација, туку медицинско следење во текот на следните две недели дали вработените кои биле во контакт со птиците ќе пројават каков било симптом кој понатаму би требало да се испитува дали се работи за птичји грип.