Неколкумина пациенти со цистична фиброза денес ги почнаа последните подготовки и прегледи неопходни за да почнат да ја примаат терапијата со лекот „трикафта“. Директорката на ЈЗУ Клиника за детски болести, Стојка Нацева – Фуштиќ, вели дека почнала реализацијата на планот по кој на секои десет дена по седуммина нови пациенти ќе ја добиваат терапијата.
„Неколкумина од планираните седуммина нови пациенти за следните десет дена се веќе на Клиниката. Се прават неопходните анализи и прегледи пред да почнат да ја примаат терапијата. Кај некои се потребни подетални анализи. Тоа се пациенти од приоритетната листа која ја подготви комисија специјално формирана од министерот во која јас, се разбра, не учествував и немам влијание. Нема место за стравување, сите пациенти од приоритетната листа ќе ја добијат терапијата во зависност од тежината на клиничката слика и состојбата во која се наоѓаат. Пациентот Игор Пехчевски, ако не е на листата за оваа недела, тогаш терапијата ќе ја добие во текот на јануари, односно од следната недела. Тој е пациент на Клиниката за пулмологија, не се води на Детска клиника, но комисијата кога ја правеше листата ја имаше предвид неговата состојба“, рече директорката Нацева – Фуштиќ.
Денес се почнати само подготовки за давање на терапијата со „трикфата“, а за да почнат да го даваат и лекот, директорката Нацева – Фуштиќ, вели дека чека одговор од министерот кој ќе ги потпишува конзилијарните мислења.
„За да исклучиме секаков сомнеж за давање на терапијата, од министерот чекаме одговор кој ќе ги потпишува конзилијарните мислења. Кога ќе го добиеме и кога пациентите ќе ги завршат сите подготовки, ќе почнеме и со давањето на лекот“, вели директорката Нацева-Фуштиќ.
Пациентот Игор Пехчевски од Берово, кој минатата недела се пожали дека состојбата му се влошила и почнал да плука крв, за „Макфакс“ вели дека никој се уште го контактирал за примање на терапијата, а на пораките и повиците никој не му одговара.
„Испратив и порака и се обидов да ѝ се јавам на директорката. Прашав за кога сум планиран за терапија, но одговор не добив ниту на пораката ниту, пак, на повикот, ниту пак некој друг од Клиниката ми се јавил да ме извести кога ќе го примам лекот. Веќе долга борба водам и без работа сум се уште,, а по 200 евра месечно ми требаат за лековите што ги земам, ‘трикафатата’ е плус“, вели Пехчевски за „Макфакс“.
Стручната комисија формирана од министерот да направи листа на пациенти кои треба да примат „трикафта“ го прегледала уште во јули. Ги направил сите снимања и прегледи и уште веднаш му кажале дека ги исполнува условите за примање на лекот.
Пехчевски од болнички кревет со транспарент в раце побара „трикафта“ за сите пациенти и се вклучи во борбата за обезбедување на лекот.
Тој е еден вкупно 55 пациенти над 12 – годишна возраст за кои комисијата утврдила дека ги исполнуваат условите да го примат лекот.
Министерот за здравство Фатмир Меџити денес по посетата на собата за доење во болницата во Тетово рече дека набавката на лекот „трикфата“ е резултат на макотрпна осуммесечна работа откако тој е дојден на функцијата. За да им се реши проблемот до крај останува да се одреди точна локација каде ќе бидат згрижени. За нив има стручна комисија и утврдени се јасни протоколи по кое треба да се постапува во лекувањето.
Мината недела министерот извести дека со 100 милиони денари лекот е обезбеден за сите пациенти за неколку месеци, а со дополнителни 854 милиони денари лекот ќе се обезбеди за 2024 и за 2025 година.