Во новата епизода од подкастот, на Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) Марија Ристеска разговара со експертката за европски интеграции, професорката Рут Фереро од Универзитетот во Мадрид и поранешниот Вицепремиер за европски интеграции и сегашен амбасадор – специјален претставник на Владата во унгарското претседателство со Советот на Европската Унија, Ивица Боцевски.
Во фокусот на разговорот е актуелната состојба со европската интеграција на Западен Балкан во контекст на новите геополитички околности по војната во Украина. Професорката Фереро укажува на новиот “прозорец на можности” за регионот, но исто така и на менувањето на безбедноста наспроти демократските вредности. Фереро тврди дека фокусот на ЕУ на безбедноста може да ги остави настрана демократските реформи во земјите кандидати. Овој фокус, историски гледано имал приоритет на стабилноста пред демократскиот интегритет, особено на Балканот, каде прашањата како корупцијата и владеењето на правото остануваат критични. Со акцентот на безбедноста, ЕУ ризикува да создаде „Европа на безбедност и одбрана“, потенцијално компромитирајќи ги нејзините основни вредности на социјална правда и демократија.
Таа предупредува дека „Проблемот е што Европската Унија дава приоритет на Молдавија и Украина пред Балканот, што на некој начин не е фер за Западен Балкан. Главниот фокус сега е ставен на безбедноста наместо на демократските институции и владеењето на правото.”
Г. Боцевски се осврнува на важноста на проширувањето како најдобра европска надворешна политика, потсетувајќи на искуството со Шпанија: “Само 9 години по првите демократски избори во Шпанија, земјата беше примена во Европската Унија. Тоа ја стабилизираше шпанската демократија и го олесни помирувањето во шпанското општество. За жал, кај нас поминаа 34 години од првите демократски избори, а сè уште не сме во Европската Унија.”
Во разговорот, професорката Фереро исто така се осврнува на влијанието на други глобални сили во регионот: “Со информативните кампањи и економските инвестиции се зголемува перцепцијата за присуството на Кина или дури и Турција во некои земји повеќе отколку присуството на Европската Унија. Европа треба да добие кредибилитет меѓу јавното мислење.”
Боцевски нуди можно решение преку концептот на постепена интеграција: „Можеме да станеме членки првично без целосни членски права – да добиеме пристап до единствениот пазар, структурните фондови, Шенген зоната, да го усвоиме еврото. Политичката интеграција може да дојде подоцна кога ќе се изгради доверба.”
Слушнете ги експертските согледувања за иднината на европската интеграција на регионот, научените лекции од претходните проширувања и можните патишта напред во новата епизода на подкастот ЦИКП. Разговорот отвора суштински прашања за балансот помеѓу безбедноста и демократизацијата во новиот пристап на ЕУ и перспективите за забрзана интеграција на Западен Балкан.