И пет минути да се намали чекањето на Табановце е добро за транспортерите, Муратовска реагира зошто има две контроли од полиција место една

Muratovska-na-Tabanovce.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Транспортерите, кои стојат заглавени на граничниот премин Табановце по пет- шест часа, денес добија уште едно ветување за скратување на времето на чекање, овој пат од новиот директор на Царинската управа, Бобан Николовски. Тој денес, на граничниот премин Табановце се сретна со Билјана Муратовска од Асоцијацијата на превозници „Макам транс“.


„Имаме две контроли од полицијата наместо една. Јас барам службениците во позадина да си разменуваат податоци и кога влегуваат возила кај нас да ги проверува нашата, македонската полиција, а кога излегуваат само српската и тука ќе добиеме најмалку десетина минути. Има техникалии кои мора да се средат и да се најде најоптималниот начин како може да соработуваме. Треба да го намалиме чекањето со преземање одредени активности како што е забрзување при влез со Агенцијата за ветеринарство со другите инспектори и слично. Јас велам, и пет минути да се намали времето за чекање е добро за сите нас “, рече Муратовска.

Таа нагласи дека превозниците на овој граничен премин чекаат и по повеќе од пет-шест часа во периоди на зголемена фреквенција на граничниот премин. Токму затоа смета дека секоја минута чекање што ќе се скрати е битна за превозниците.

„Инаку пет часа во споредба со тоа што ние чекаме за влез во Хрватска, за влез во Унгарија, тие се како награда. Бидејќи таму се чека по 30 часа, по 40 часа, по, два- три дена се чека што е страшно и тоа се нестандардни мерки што ги спроведуваат. Од тој аспект како државна институција Царинската управа и другите треба навистина да нè поддржуваат, да ни дадат можности да се почувствуваме важни во самата држава за да можеме и натака да одиме и да се бориме“, рече Муратовска.

Усогласување на работното време на инспекциските служби на граничните премини, автоматизација на терминалите на граничните премини со грант од ЕУ и негово поврзување со новиот систем за видео надзор и препознавање на регистарските таблички што се имплементира во моментов, како и унапредување на дигитализацијата и поврзување на институциите во рамки на државата но и на ниво на држави, се трите главни реформски мерки на коишто ќе работи Царинската управа во следниот период

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK