Очекувам секој што добива плата, ужива привилегии на грбот на граѓаните тука кај нас, да ги почитува македонските закони и Уставот како што тоа го правам јас. Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски прашан за коментар за Законот за јазици кој е пред Уставниот суд.
Премиерот рече дека и нему му се проблематични некои работи што се направени со Уставот и е против нив, како што е користењето на придавката Северна, но додека ја врши функцијата ќе стои пред тој знак, за да не го навреди македонскиот Устав и македонските закони.
„Некогаш реалноста може да не ви се допаѓа, но вие морате да ја прифатите таа реалност, ако навистина се борите за владеење на правото“, вели Мицкоски.
Порача да не се прави притисок врз судовите колку и да е довербата во тие судови нарушена поради СДСМ и ДУИ.
Мицкоски е уверен дека нема индиции за загрозување на безбедноста, а состојбата во моментот била стабилна. Сепак, како што додаде во одговорот, постојат одредени структури во општеството кои имаат намера за да го заштитат својот криминал на стекнат капитал да предизвикаат инциденти и одредена дестабилизација.