Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, се обрати на настанот „Земјоделство со висока природна вредност и неговото значење за биодиверзитетот и пристапувањето кон ЕУ“, организиран со поддршка на Шведската агенција за животна средина и општина Радовиш.
Во своето обраќање Хоџа истакна дека овој концепт претставува важен инструмент за воспоставување рамнотежа помеѓу човекот и природата и за зачувување на биолошката разновидност. Тој посочи дека државата активно работи на усогласување со европските стандарди во областа на заштитата на природата – преку имплементација на законодавството, воспоставување на мрежата Натура 2000 и усогласување со директивите за живеалишта и птици.
Покрај овие активности, кои се значаен дел од напредокот во процесот на пристапување кон Европската Унија, Хоџа нагласи дека само со партнерство меѓу институциите, научната заедница, граѓанскиот сектор и земјоделците може да се изгради систем кој функционира долгорочно.