Хајрулахи поднел предлог за дисциплинска одговорност за двајца обвинители

hajrulahi_345453545
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

– Шефот на Вишото јавно обвинителство Скопје, Мустафа Хајрулахи по неодамнешните наводи на сопственикот на „Доказ.М“ Маријан Стаменковски за наводна инволвираност на обвинители во неговите текстови, поднел дисциплински и информација во форма на кривични пријави против двајца колеги.

Хајрулахи во изјава за ТВ Канал 5 вели дека за едниот јавен обвинител поднел пријава за можно сторено кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување, како и можно остварување на кривично дело за злоупотреба на лични податоци. За другиот јавен обвинител поднел кривична пријава за злоупотреба на лични податоци.


-По јавната седница, ми се чини на 17 мај, и откако сега осудениот Марјан Стаменковски, сопственик на порталот „Доказ“ ги обзнани информациите дека наводно некој од јавните обвинители во Вишото јавно обвинителство Скопје му брифирале за наводните случувања во Вишото јавно обвинителство Скопје, потенцирам, наводни случувања, јас како виш јавен обвинител на ова Обвинителство се обратив и побарав писмена информација од Основното јавно обвинителство Скопје, кадешто се води предистрага за финансиските средства на Маријан Стаменковски, кадешто се запленети мобилните телефони, компјутерите и веќе се извештачени, вели Хајрулахи.

Тој додава дека побарал и добил детална информација од шефот на Основното јавното обвинителство Скопје.

-Од информацијата која ја добив од страна на јавниот обвинител на ОЈО Скопје, после неколку дена поднесов предлог за дисциплинска одговорност против двајцата обвинители до Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавни обвинители, а истовремено, со поднесената иницијатива до Комисијата, поднесов и известување во форма на кривична пријава до Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, се со цел да определи друго Основно јавно обвинителство, надвор од надлежноста на ВЈО. За едниот јавен обвинител поднесов пријава за можно сторено кривично дело – злоупотреба на службена положба и овластување, како и можно остварување на кривично дело за злоупотреба на лични податоци. За другиот јавен обвинител поднесов кривична пријава за злоупотреба на лични податоци, истакнува Хајрулахи.

Тој посочува дека до јавниот обвинител на Република Северна Македонија поднесено е барање за времено оддалечување на еден јавен обвинител од вршење на функцијата јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство.

Марјан Стаменковски тврдеше дека обвинителот Сашо Рајчев и уште една виша обвинителка соработувале со него и бараше изземање на Рајчев од постапување во предметот каде тој е осуден. Но, Републичкото јавно обвинителство одлучи обвинителот Рајчев да остане во предметот.

На Марјан Стаменковски, сопственик на порталот „Доказ М“, Основниот кривичен суд Скопје му изрече затворска казна во траење од три години и еден месец. Стаменковски се товареше за пет кривични дела, односно за две дела ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело и за злоупотреба на лични податоци.

Освен затворската, на Стаменковски му беше изречена и парична казна од 5 000 евра заради злоупотреба на лични податоци како и забрана за вршење професија или дејност поврзана со кривичните дела, односно му се забранува регистрација на домен за портал за период од 10 години, а му престанува регистрацијата на домените кои што тој ги регистрирал.

При претрес на домот на сега осудениот, полицијата заплени документација, електронски уреди и 90.000 евра. За оваа сума пари, Обвинителството се сомнева дека потекнуваат од други кривични дела и за нив е отворена нова истражна постапка.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK