Груевски до министерот за правда: Наместо да собира информации за мене, нека ги истражи политичките прогони од времето на Заев


nikola-gruevski
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

 

Поранешниот премиер Никола Груевски реагираше по изјавите на министерот за правда за постапката за негова екстрадиција, обвинувајќи дека наместо да се занимава со неговото враќање, треба да се истражат, како што вели, „злоупотребите и незаконските постапки при политичкиот прогон“ во времето на поранешната власт.


„Го слушнав денеска излагањето на министерот за правда на Македонија, објаснувајќи на медиумите и јавноста како ревносно собирал информации од судовите и како ја чекал новата власт во Унгарија за да се информирал за промената на мојот статус тука и да започнал постапка за екстрадиција“, напиша Груевски.

Тој прашува „кој е на власт во Македонија“, оценувајќи дека „воопшто не личи дека СДСМ на криминалецот Заев со неговата омраза и валкани методи си заминала од власт“.

Во објавата, Груевски го повикува министерот за правда да ги испита, како што наведува, монтираните судски постапки и притисоците врз судството во периодот на владеење на СДСМ.

„Му предлагам на министерот исто толку ревносно да ги истражи злоупотребите и незаконските постапки при политичкиот прогон во годините на Заев, монтираните судски постапки и неправдите што ги направи за да може полесно да владее“, наведува тој.

Груевски тврди дека постоеле списоци од кабинетот на тогашниот премиер за тоа „кој треба да биде гонет“, како и дека сведоци и обвинети биле изложувани на уцени и закани за да даваат лажни искази.

Тој бара да се преиспитаат и конкретните судски предмети против него, меѓу кои ги споменува случаите за блиндираниот „мерцедес“, плацевите, становите, предметот за насилство во Општина Центар и случајот поврзан со автопатот Кичево–Охрид.

„Да ги прочита обвиненијата, т.н. божемни ‘докази’, да ги прочита пресудите и да види колку од нив се донесени со лажни претпоставки, заради притисокот што во тоа време го имаа судиите од апаратот на Заев и СЈО“, пишува Груевски.

Тој додава дека странски политичари и медиуми го нарекуваат криминалец затоа што, според него, не се запознаени со деталите на судските процеси и „само ја следеле реториката која со години ја имаше поранешната власт“.

Груевски повика министерот да ги разгледа и јавните сведоштва на поранешни обвинители и судии за, како што тврди, политички влијанија врз СЈО и судството.

„Еден ден, сето ова ќе допре и до ЕУ. Таа парадија на правосудниот систем на Македонија ќе се погледне од вистинскиот агол“, порача Груевски.

Тој на крајот апелира министерот, пред да презема натамошни чекори во постапката за екстрадиција, „да ги провери и овие работи, па потоа нека дејствува како што е праведно и воден од својата совест и законите“.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK