Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска одржа средба со претставници на младински организации во рамки на кампањата „Зависи од мене и тебе“.
Вицепремиерката ги информираше присутните за досегашните средби, сесии и работилници, кои беа спроведени во рамки на оваа кампања, наменета за зголемување на свеста за потребата од интегритет, чесност и одговорност, како основни принципи кои овозможуваат позитивен придонес за целото општество.
Осврнувајќи се на овие вредносни прашања, младите посочија дека клучна е потребата да се направи приоретизација во справувањето со проблемите и да се најде решение за пасивизацијата на младите, којашто ги оневозможува позитивните промени во општеството.
Грковска истакна дека за клучните прашања и за доброто на државата мора да се гради широк консензус без оглед на идеолошките разлики и додаде дека борбата со корупцијата треба да биде посебна цел и на младинските организации, имајќи предвид дека општеството е систем на врзани садови, а младите можат многу да направат во овој сегмент со давање свој придонес. Според Грковска, особено важно е да се афирмираат позитивни рол модели во јавниот живот и додаде дека политичарите треба да даваат личен пример за делување со интегритет, за тоа да се пренесе и во другите општествени сфери.
На средбата се разговараше и за клучните проблеми во имплементацијата на младинските политики и соодветните стратегии и беше ставен акцент на намалениот квалитет на образованието, на сметка на квантитетот кој го донесе отворањето на голем број високообразовни установи во земјата. Младинските претставници се осврнаа на потребата од подобрување на условите за ученичко и студентско домување, како и на пречките на кои наидуваат при воспоставување на младинските локални заедници, што е предвидено со Законот за млади. Присутните се осврнаа и на потребата од издвојување повеќе средства за наука, спречување на одливот на квалитетен кадар, како и за креирање посебни политики за грижа за менталното здравје и благосостојбата на младите.
Вицепремиерката Грковска ги информираше младинските претставници за започнатите процеси во Владата за надминување на проблемите во високото образование и научната дејност и посочи дека овие прашања од стратешка важност се процес кој бара континуитет и посветеност од сите чинители и сите влади, за да се дојде до квалитетни и одржливи решенија.
На денешниот отворен дијалог присуствуваа претставници на Универзитетското студентско собрание, Националниот младински совет, Сојузот на средношколци, здружението Младите можат, здружението за одржлив развој и заштита на животната средина Гоу Грин, Сојузот за младинска работа и Регионалната канцеларија за младинска соработка.