„Имаме добра законска рамка за унапредување на родовата еднаквост, но главното и најтешко за постигнување е како да влијаеме на менување на менталниот склоп на луѓето. И тоа е најголем предизвик за секоја борба, не само за родовата еднаквост, туку и за борбата против корупцијата, за инсталирање на политиките за добро владеење, итн“, истакна заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на панел дискусијата „Женско лидерство – кршење на „стаклениот таван“ преку премостување на родовиот јаз“, која денеска се одржа во Скопје, во организација на Едукативниот центар М6.
Вицепремиерката Грковска се осврна на ефектите кои државата ги постигна со воведување на квоти за жени во Собранието, истакнувајќи дека при застапувањето за овој вид позитивна дискриминација, кој бил инициран од политичкиот подмладок на нејзината партија и подоцна прифатен и од сениорите, најголем противник биле токму жени. Таа истакна дека не е лесно да се вознемири систем кој е комфорен за одредена група луѓе и дека биле потребни неколку години за да се прифатат квотите, за да им се даде простор на оние жени кои се професионални и заслужуваат одредена позиција.
„Имајќи го предвид фактот дека сега имаме повеќе од 40% жени во Парламентот после толку децении, укажува на тоа дека кога сте убедени во својата идеологија и дека тоа е исправно, вреди секоја секунда, енергија, време и надминати предизвици за да го постигнете резултатот. Фактот што немаме квоти и за извршната власт и за градоначалници, ни кажува дека бројките таму се сосема поразлични и имаме минорни бројки на жени градоначалници и неколку министерки во Владата, и тоа само од мојата партија.“
Во своето излагање на панел дискусијата вицепремиерката Грковска истакна дека борбата за еднаквост е процес кој никогаш нема да заврши и кој не смее да се зема здраво за готово, бидејќи, како што појасни таа, се соочуваме на национално и глобално ниво со ретроградни процеси, коишто сакаат по секоја цена да ја сведат жената само на нејзината традиционална улога. Грковска нагласи дека за постигнување на уште поголеми цели, потребни се инклузивни политики и квоти и во приватниот сектор, но и поддршка од страна на мажите за спроведување на овие политики.
Таа се осврна и со проблемот со родово заснованиот говор на омраза, со кој жените дополнително се виктимизираат кога преживеале насилство или кога се дел од јавната сцена. Според неа, слободата анонимно да се шири говор на омраза го зголемува притисокот врз жените, затоа што тој најчесто не е поврзан со вршењето со професијата, туку со надворешниот изглед, а тоа дополнително ги обесхрабрува останатите кои имаат потенцијал да се вклучат активно во општеството. Во таа насока, Грковска се осврна и на Форумот на жени лидери од ЈИЕ за добро владеење и антикорупција, кој меѓу другото, беше формиран за да ги адресира и овие теми, затоа што ваквите напади најчесто се насочени кон оние кои не се подложни на влијанија и работат професионално и со интегритет.
Покрај вицепремиерката Грковска, на панел дискусијата, којашто ја модерираше новинарот Назим Рашиди, учествуваа и Тања Михајловска Димитриевска, претставник на Women on Boards Adria, Дита Старова, директорка на Националната галерија на Северна Македонија и Ерин Конкорс од Стејт Департментот на САД.