Грковска-Јовески: Неопходно е кадровско и техничко зајакнување на обвинителскиот систем и извршување на професијата со одговорност и интегритет

Грковска-Јовески-Неопходно-е-кадровско-и-техничко-зајакнување-на-обвинителскиот-систем.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во рамки на координативните средби со претставници на надлежните институции за борба против организиран криминал и корупција, заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска одржа состанок со Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески. На средбата присуствуваа и претседателката на Советот на јавни обвинители, Душица Димитриеска, основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски и Наташа Гоџоска, јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје.


Како што известува владината прес-служба, на средбата било разговарано за прашања поврзани со дигитализацијата на процесите во обвинителството, при што вицепремиерката Грковска истакна дека носењето на новиот Закон за архивско работење во голема мерка ќе го олесни секојдневното функционирање, но и дека треба соодветно да се искористи донаторската поддршка во овој сегмент. Во однос на изработка на електронски систем за водење на предметите, присутните посочија дека овој систем треба да биде прилагоден на спецификите на обвинителската работа, но, истовремено да цели кон намалување на улогата на субјективниот фактор при распределбата.

Една од отворените теми на овој состанок беше и проблемот со недоволните кадровски капацитети во овие институции, и од аспект на недостиг на обвинители, но и на информатички и друг стручен кадар, што ја отежнува работата и перформансите на јавните обвинителства.

Вицепремиерката Грковска апелираше до присутните да дадат свој придонес во фазата на евалуација на актуелната и креирање на новата Стратегија за јакнење на капацитетите за водење на финансиска истрага и конфискација на имот. Зајакнување на Јавното обвинителство и зголемено применување на сите видови на конфискација како инструмент во борбата против организиран криминал и корупција мора да биде еден од приоритетите.

На состанокот беше отворено и прашањето за одговорноста при непрофесионално и несовесно извршување на обвинителската професија. Јавниот обвинител Љубомир Јовески нагласи дека основна должност на јавните обвинители е секогаш, без оглед на околностите, да ги преземаат службените дејствија во согласност со важечкото законодавство и да ја вршат својата должност законито, непристрасно, праведно, посветено и во што е можно пократок рок. Во таа насока, тој информираше дека од почетокот на примената на новиот Правилник за начинот на спроведување на постапката за утврдување одговорност на јавен обвинител за сторена дисциплинска повреда, донесен во 2021 година, поведени се дисциплински постапки против 12 јавни обвинители, од кои пет завршиле со изрекување на најтешката дисциплинска мерка-предлог за разрешување од функцијата, се додава во соопштението од Владата.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK