Граѓаните поблиску до ЕУ роаминг без дополнителни трошоци, велат од Министерството за дигитална трансформација


mobilen-jonas-leupe-wK-elt11pF0-unsplash.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Министерството за дигитална трансформација известува дека измените и дополнувањата на Законот за електронски комуникации (ЗЕК) се влезени во владина процедура и истите се објавени на ЕНЕР. Со овие измени, Македонија ги исполнува правните обврски за усогласување со европските стандарди во областа на роамингот, со јасна цел – повеќе заштита, поголема транспарентност и пониски и предвидливи трошоци за граѓаните при користење мобилни услуги во роаминг во земјите членки на Европската Унија.


Република Македонија веќе е дел од регионалниот договор за роаминг во Западен Балкан, со кој граѓаните користат мобилни услуги во земјите од регионот под услови како дома, без дополнителни роаминг-трошоци, велат од Министерството за дигитална трансформација.

Со измените и дополнувањата на ЗЕК се создаваат услови за воспоставување јасни правила за ограничување на цените на роаминг услугите, зголемена заштита на корисниците преку транспарентно информирање и механизми за спречување на неочекувано високи трошоци и зајакнување на регулаторната улога на надлежните институции во областа на електронските комуникации, укинување на трошоците за роаминг при патување во земјите на ЕУ, зголемена правна сигурност и предвидливост на цените и олеснет пристап до дигитални услуги, е-услуги и мобилна комуникација во странство, соопшти Министерството за дигитална трансформација.

Со предложените измени се врши усогласување со:

Директива (ЕУ) 2018/1972 за донесување на Европски законик за електронски комуникации;
Регулатива (ЕУ) 2022/612 за роаминг во јавни мрежи за мобилна комуникација во рамките на Унијата;
Регулатива (ЕУ) 2016/2286 за фер користење и методологија за процена на одржливоста на укинувањето на дополнителните роаминг-надоместоци;
Делегирана регулатива (ЕУ) 2021/654 за единствена максимална цена за завршување говорни повици во мобилни и фиксни мрежи;
Регулатива (ЕУ) 2018/1971 за основање на Телото на европските регулатори за електронски комуникации (БЕРЕК) и Канцеларијата на БЕРЕК.

Министерството за дигитална трансформација очекува дека Владата ќе го утврди текстот на законот до крајот на месецот, а во февруари тој ќе се најде во собраниска процедура и ќе биде усвоен.

Со овој чекор, Министерството за дигитална трансформација и Владата ги исполнуваат условите за постигнување на исти трошоци за повици, пораки и интернет пакети за македонските граѓани, кога тие патуваат или престојуваат во ЕУ. По ова, ќе следува донесување на три подзаконски акти од Агенцијата за електронски комуникации, по што сите овие активности ќе бидат споделени со Европската комисија на нивна валидација.

На овој начин, македонските граѓани ќе ги уживаат придобивките од единствената европска роаминг зона, без дополнителни непредвидени давачки и трошоци, на ист начин како граѓаните на ЕУ, велат од Министерството за дигитална трансформација.

Текстот на предлог-законот е објавен на платформата ЕНЕР каде што сите заинтересирани страни ќе можат да достават коментари и предлози, документите се достапни на следниот линк

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK