Градот Скопје од вечерва организира вонредна акција за чистење и дезинфекција на општина Шуто Оризари.
Oд тука појаснуваат дека акцијата е со цел спречување на ширење на зарази и загрозување на животната средина на жителите на општината, а Градот за состојбата го обвинува градоначалникот Курто Дудуш.
„Екоцидот кој во моментов се случува во општина Шуто Оризари е резултат на криминогеното и неодговорно однесување на градоначалникот Курто Дудуш. Имено, Дудуш си поставил свои приватни контејнери на општинските улици, а на граѓаните им наплаќа за чистење на отпад на парагон блокче за што се располага со соодветни докази. Потоа, иако знаел дека е незаконски, отпадот го складирал на свој имот односно приватна парцела во негова лична сопственост со која си склучил договор и ја дал под закуп на општината. Отпадот кој го собирал спротивно на закон и си наплаќал за истото, потоа наместо да го одложи во единствената акредитирана депонија “Дрисла” тој со истиот си направил приватна депонија. За ова веќе се утврдени соодветни противзаконски дела, составени се записници и поднесена е пријава“, велат од Град Скопје.
До надлежните органи апелираат итно да ги преземат сите соодветни мерки за санкционирање на Курто Дудуш, а градот Скопје стои на располагање за дополнителни појаснувања и достава на сите докази со кои располага за утврдениор екоцид во режија на Дудуш.