Во духот на големиот христијански празник Божиќ, градоначалникот на општина Кисела Вода заедно со отец Оливер од хуманитарната организација „Свети Спас“ подготвија оброк за социјално загрозените семејства.
Градоначалникот упати искрени честитки до сите граѓани, истакнувајќи ја важноста на споделувањето и солидарноста, особено со оние на кои им е најпотребно.
-Честит Божиќ, Христос се роди! Најдобар начин да го славиме раѓањето на Христа нашиот Спасител е кога споделуваме со оние на кои најмногу им треба, тогаш знаеш дека си направил нешто добро. Денес, заедно со мојот тим, Хуманитарната организација ,,Свети Спас” и отец Оливер се потрудивме сите да имаат достоен и радосен Божиќ.
За Божиќ, почитувани, секое семејство заслужува богата трпеза, заслужува секој барем за миг и покрај сѐ, да знае дека не е сам и дека има некој кој мисли и на оние на кои ретко кој помислува. На тоа, нѐ учи нашата верба во Бог-рече градоначалникот.
Оваа акција овозможи на голем број семејства да го почувствуваат празничниот дух и да го прослават Божиќ со насмевка.
-Додека сум јас тука, ќе го давам максимумот од себе никој да не се почувствува сам. Ние се потрудивме денес да усреќиме голем број на семејства за кои судбината можеби не била на нивна страна. И ова е само капка во океанот од нашата мисија – да работиме на тоа да нема повеќе луѓе кои ќе имаат потреба од помош, туку да овозможиме нормални услови за живот.
Денес не го правам ова како градоначалник, туку како човек, како што нѐ учи верата и традицијата – да правиме добро за добро да ни се случува. Со малку, ќе изнудиме многу насмевки! Да бидеме луѓе помеѓу луѓето – честит Божиќ на сите! Слава на Бога во висините, на земјата мир, а меѓу луѓето добра волја- додаде тој.