Град Скопје тврди дека продолжува со засилени инспекциски надзори на терен 24 часа дневно, со цел да го намали загадувањето и да ја заштити животната средина. Од Одделението за односи со јавноста при Градот истакнуваат дека неселективно се изрекуваат казни за сите прекршители на законот, кои го загрозуваат здравјето на граѓаните и ја загадуваат животната средина.
„Во изминатата година изречени се казни од 9 до 100 илјади евра за правни лица, како и соодветни санкции за физички лица што биле затекнати при создавање или палење диви депонии и кршење на законите,“ информираат од Град Скопје.
Покрај инспекторите на Град Скопје, надлежност за справување со загадувањето имаат и 14 други институции, меѓу кои Министерството за животна средина, Министерството за внатрешни работи, Државниот инспекторат за животна средина и инспекциските служби на десетте скопски општини.
„Иако повеќе институции имаат законска обврска да реагираат, Град Скопје е единствениот што постојано дејствува на терен, додека останатите не преземаат конкретни активности,“ нагласуваат од Градот.
Минатата недела инспекторите на Град Скопје изрекоа над 20 санкции, а на неделно ниво просечно се казнуваат помеѓу 20 и 30 сторители.
„Поднесовме кривични пријави за исфрлање и согорување опасен отпад, азбестни плочи и друг градежен отпад, кои се опасни по здравјето и ја нагрдуваат околината,“ истакнуваат од Градот, додавајќи дека од Обвинителството сè уште нема реакција за кривичната пријава против „Усје“.
Град Скопје спроведува долгорочни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот.
„Реализираме проекти за субвенции за инвертери, велосипеди, замена на азбестни кровови, како и акции за садење дрвја и создавање нови зелени површини. Во тек е изградба на мега парк во Карпош на површина од 80.000 метри квадратни, а завршена е и Ботаничката градина во Скопје на 12.700 метри квадратни,“ соопштуваат од Градот.
Покрај тоа, Градот воведе зачестени машински чистења и миења на улиците и контролира сообраќајни режими за тешки товарни возила, во координација со МВР.
Град Скопје повикува останатите институции да ја преземат својата одговорност и активно да се вклучат во борбата против загадувањето.
„И покрај нашиот труд, резултатите нема да бидат целосни без поддршка и активна улога на сите надлежни институции,“ апелираат од Градот.