Владата ќе го поправа хидросистемот за полнење на Дојранското Езеро и ќе формира јавно претпријатие кое ќе стопанисува со него, а одлуките за тоа ќе го донесе на првата наредна седница, најави министерката за животна средина Каја Шукова која денес со премиерот Димитар Ковачевски присуствуваше на свечениот почеток на санацијата на колекторскиот систем и изградба на нова прочистителна станица во Дојран. Министерката Шукова објасни дека тие на следната седница ќе ја исправат грешката на ВМРО-ДПМНЕ кои го укинале јавното претпријатие и хидросистемот го довериле на управување на Министерството за средина. Како управител со хидросистемот, Министерството лани во февруари кога поскапи струјата, ги изгаси пупмите и оттогаш нема дотур на свежа вода во езерото. Дојранчани алармираа дека се украдени и искршени пумпите, а оштетувања има и на целиот систем. Тоа денес го потврди и министерката Шукова, рече дека прво ќе треба да се поправи системот па да се формира јавно претпријатие за да се пушти водата повторно да го полни езерото.
„На првата наредна седница на Влада ќе одиме со информација за повторно пуштање на хидросистемот на Дојранското Езеро. Конечно ќе ја исправиме грешката што беше направена пред осум или девет години кога хидросистемот кој имаше сопствено јавно претпријатие во тоа време ВМРО-ДПМНЕ, не знам од кои причини, само ним познати најверојатно, го укина јавното препријатие и го дадоа на управување на Министерството што согласно законите во државата е нон сенс. Ние сега ќе ја исправиме таа грешка“, рече министерката Шукова.
Таа потсети дека формирање јавно претпријатие било планирано и претходно, но го одложиле поради енергетската криза која ја поскапи струјата.
„ Сега кога се стабилизира тој пазар, во комуникација сме со претседателот и со градоначалниците од регионот повторно да се актуелизира прашањето на формирање на јавно претпријатие кое ќе управува со хидросистемот кој има неколку намени. Едната е да носи дополнителни количини вода во Дојранското Езеро, втората е тоа што може да биде водоснабдител, и за богданскиот и за овој регион, со мали зафати, мали интервенции на хидросистемот. Има капацитет од 1000 литри во секунда. Ќе треба негова рехабилитација, ќе треба време да се санира бидејќи во голем дел има проблеми со пумпите, со вентилите. Тоа се технички работи. Прво ќе одиме со рехабилитација, формирање на претпријатието и да се пушти конечно во работа после подолг временски период“, рече министерката Шукова.
Минатата година, кога Министерството ги изгаси пумпите и го сопре дотокот на свежа вода во езерото, образложија дека на таков чекор се одлучиле поради енормно високите сметки за струја. До 2020 година трошокот за струја за хидросистемот бил близу еден милион евра годишно, а од октомври 2021 година, кога струјата почна вртоглаво да поскапува, сметката им се искачила над 325 илјади евра месечно, колку што плаќале до февруари, лани.
Веќе година и пол жители на Дојран апелираат хидросистемот да се врати во употреба, колку и да чини неговото поправање оти водостојот на езерото од лани во февруари е во постојано опаѓање. Во споредба со претходната година, нивото е паднато за повеќе од еден и пол метар па жителите стравуваат дека ќе им се повтори еколошката катастрофа од пред две децении.
Хидросистемот за спас на Дојранското Езеро е дело на Владата на ВМРО – ДПМНЕ на чело со Љупчо Георгиевски. По долготрајното празнење на езерото и екстремно нискиот водостој, во 1999 година Владата донесе одлука за прогласување елементарна непогода и поведе иницијатива за спас на Дојранско Езеро во чии рамки во 2001 почна изградбата на хидросистемот за доведување дополнителни количини вода од Ѓавато кај Богданци, а првите количини беа испумпани во 2003 година.