Започна процесот на одгасување на депонијата Вардариште, што претставува значаен чекор кон нејзино целосно затворање и трансформација во современ мега парк, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Како што ветив, вели тој, по спроведената физибилити студија, денес започна процесот на одгасување на депонијата Вардариште.
Мапирани се 22 точки, односно бунари за собирање на отпадните гасови кои со години се наталожуваа на ова место, пишува скопскиот градоначалник.
„Од сите бушотини ќе се земаат примероци кои ќе се испитуваат во сертифицирани лаборатории, со цел прецизно утврдување на количеството и составот на гасовите.
Паралелно, се одвива и процесот за темелно површинско расчистување на депонијата.
Вардариште, почитувани, ќе стане минато.
Она што со децении беше симбол на запоставеност и извор на ризици по здравјето и никој не успеа да го реши, ние го претвораме во можност и нов почеток.
На ова место ќе никне современ мега парк на површина од околу 300.000 метри квадратни, простор на живот, рекреација и чист воздух, новите бели дробови на Скопје.
Ова ќе биде новото срце на градот, место каде семејствата ќе создаваат спомени, младите ќе спортуваат, а природата повторно ќе го врати својот изгубен сјај.
Градиме иднина во која зеленилото не е луксуз, туку стандард, а здравата животна средина, приоритет.
По завршувањето на целиот процес, ќе изградиме и мост кој ќе ги поврзува Гази Баба и Аеродром, значително намалувајќи го сообраќајниот метеж и создавајќи побрза и пофункционална градска поврзаност“.