Како од понеделник, со почетокот на учебната година, ќе го решат акутниот проблем со недостаток на автобуси во јавниот превоз не кажаа ниту градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, ниту, пак, владините претставници, но денес продолжија со обвинувања. Претседателот на Заедницата на локални самоуправи (ЗЕЛС) и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, и денес повтори дека решение на проблемите на скопјани е оставка од градоначалничката откако на вчерашната седница на Град Скопје не најдоа начин за зголемување на бројот на автобуси за јавен превоз.
„И сè да се овозможи од она што градоначалничката го бара, во пракса нема да има некаков напредок, исчекор. За жал скопјани се заложници во моментов на еден човек кој има проблем со себе, тоа мора да го признаеме, на кој што секој му е крив освен прстот да го впери во себе и да си го најде проблемот во себе. За Скопје спас во моментов е доколку Арсовска си поднесе неотповиклива оставка. Арсовска нема поддршка ни околу нејзините соработници, директорите на јавните претпријатија ги менува по неколкумина на шест месеци. Знаеме дека станува збор за една личност која е конфликтоман по природа и не сака да допринесе за развојот на градот“, рече градоначалникот Ѓорѓиевски денес по дебата за предлог-законите за јавна администрација.
Тој потсети дека Владата и понудила рака за соработка, но таа ништо не прифатила, на состанокот со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за локална самоуправа дошла неподготвена, па затоа не верува дека во наредниот период нешто ќе се среди.
„За жал, верувам дека ќе продолжи голготата, потенцирам за жал, и единствен излез е Арсовска да си поднесе оставка и да се оди со нови избори за Скопје, затоа што проблемите се далекусежни, последиците се далекусежни. Не се последиците само за јавниот транспорт проблеми има и во ‘Водовод и канализација’, проблеми има и во ‘Комунална хигиена’, во ‘Паркови зеленило’, практично проблеми има во секое јавно претпријатие и функционалноста на истите. Ние до недоглед може да бараме вина во кого било, но вината на крајот на денот е во менаџерот, во тој кој што добил историска шанса од граѓаните да направи нешто за својот град и за своите граѓани. Немаме напредок на тоа поле“, вели градоначалникот Ѓорѓиевски.
Градоначалниците на скопските општини од сите политички партии Ѓорѓиевски вели дека нема да се откажат од едногласното барање за одземање на ингеренциите на Град Скопје. По укажувањето од министерот Перински дека не може да се оди директно со одземање на ингеренциите на Град Скопје, Ѓорѓиевски најави дека е можно токму градоначалниците на скопските општини да бидат иницијатори за измена на законските решенија.
И министерот Перински денес рече дека е подготвен за измени во Законот за локална самоуправа.
„Би поддржал какви било измени на кој било закон само да се реши ова лудило. Ние барањето од ЗЕЛС мора да го гледаме по два основа. Прво е правниот основ. Согласно постојните законски решенија законски утврдените овластувања кои ги има Град Скопје не можат да бидат одземени. Втората основа ни беше што од тоа и како ќе биде спроведливо во пракса. Ние бараме инстант решенија бидејќи надвор има 40 степени, а Скопје тоне во смет. И да го решаваме ова на начин по укажувањата од градоначалниците, верувајте за ова треба време. Менаџментот и Советот на Градот се местата каде што може најлесно и најбрзо да се решат проблемите“, рече министерот Перински.
Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска на вчерашната седница на Советот на Скопје побара советниците да изгласаат одлука за набавка на нови екоавтобуси за што не доби поддршка со објаснување дека автобуси на Скопје му требаат сега, а не по една година и со ново задолжување. Откако не доби поддршка, Арсовска порача дека вината што скопјани чекаат автобуси на горештини и студ е поради тоа што ВМРО-ДПМНЕ не гласа нови автобуси и го жртвува здравјето и животот на граѓаните за политички поени.