Гир: Перспективата за членство во ЕУ е веројатно најдобрата алатка за спречување на одлив на мозоци од регионот

gir
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Државите од Западен Балкан се меѓу оние што трпат најголеми штети кога станува збор за проблемот со одлив на умови. За справување со таа негативна појава и промени во трендот, активностите треба да се насочат во промена на наративот, преку промовирање позитивни услови за професионална реализација на младите тука, во регионот, во матичните земји, преку креирање европски работни места дома и реформа на образованието што ќе ги подготви младите за професиите на иднината.

Според она што беше истакнато на панел-дискусијата за младите насловена „Развивање вештини и создавање можности: стратегии за спречување одлив на мозоци“ во рамки на третиот „Преспа-форум“ што од денеска се одржува во Струга, претставници на владини и меѓународни институции, здруженија на млади и невладини организации дебатираа за конкретни решенија со кои треба да се влијае врз намалување на миграцијата, особено на младите и како оние што се иселиле да се поттикнат да се вратат дома.


Според панелистите, сликата во регионот денес не е црно-бела туку, сива, со изразена конкурентност на пазарот на труд. Како што рекоа, наспроти она што беше пред десетина години кога се бараше каква било работа, сега веќе луѓето од земјите во регионот бараат подобро платени работни места и подобри услови за работа.

Евроамбасадорот Дејвид Гир во обраќање на Панелот истакна дека процесот на проширување на Унијата како трансформација на општествата не ги решава сите проблеми, вклучувајќи го тука и оној со одлив на умови.

– Прашањето на миграција на луѓето, тука и одливот на мозоци е проблем присутен и кај државите членки на ЕУ. Процесот на трансформација на државите преку проширувањето на Унијата не значи автоматско решавање на проблемот со одливот на умови, тоа го видовме кај Полска, Хрватска, Бугарија… Дури и во рамките на самата ЕУ има проблеми на миграција и иселување на региони, рурални области, што значајно го отежнува рамномерниот развој. Перспективата за членство во ЕУ е веројатно најдобрата алатка за спречување на појавата на одлив на мозоци, рече Гир.

Кога станува збор за Северна Македонија, евроамбасадорот истакна дека државата стои на прагот на најголемиот пазар во светот од 450 милиони потрошувачи, со потенцијал на натамошен раст. Според него, главното прашање тука е како животниот стандард може да зајакне да биде конкурентен со оној во ЕУ, за да почне процесот на враќање на умови како што веќе бележат Полска или Бугарија.

– Важно прашање е тука и подобрување на продуктивноста, која во Северна Македонија изнесува 16 отсто споредбено со онаа во ЕУ. Тука се и потребите од структурни реформи во општеството, владеењето на правото, справувањето со корупцијата, реформи во јавната администрација… Процесот на присоединување нуди одлични можности за справување со тие проблеми, алатките се тука, но истите мора да ги спроведе самата држава одвнатре. Другата позитивна работа што доаѓа со европската перспектива се директните странски инвестиции, кои од 2018 се зголемени за околу седум проценти годишно… Како што земјата напредува кон членство во ЕУ, така ќе има се повеќе и повеќе инвестиции, рече Гир.

Кога станува збор за подобрување на продуктивноста на трудот и покачувањето на животниот стандард, тој ја посочи неопходноста од инвестиции во образованието и зајакнува на професионалните вештини, за нивен поуспешен настап на пазарот на труд и во насока на зајакнување на националната економија.

– Алатки има, оптимист сум од две причини. Политиката го следи интересот, а гледаме дека имаме заеднички интерес од зачленување на регионот во ЕУ, како од економски така и од безбедносни причини. Второто прашање што влева оптимизам е што ги слушнав луѓето тука дека веруваат оти промени се можни, дека има волја кај луѓето да се вратат и да работаат тука, рече Гир.

Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, од своја страна, се осврна на негативните проекции според кои следната деценија земјите од Западниот Балкан можат да загубат и до третина од своето население, така што час поскоро треба да се направи нешто во врска со тоа, секој од субјектите во својата сфера на ангажман.

– Областа што ја застапувам има за цел создавање работни места, и тоа европски работни места со соодветен квалитет за луѓето во Северна Македонија. Изминатите две и половина години креиравме 4.500 нови работни места, за првпат просечната плата во компаниите во слободните економски зони беше повисока од просекот во земјата, со стапка на раст повисок отколку во базичната економија, рече Деспотовски.

Според него, фокусот повеќе не е само на тоа да се привлечат странски инвестиции, туку да се води сметка и за тоа колкави плати ќе може да се обезбедат.

– Европските компании плаќаа помалку пари отколку што би плаќале во други земји…  За нас е важно колку пари внесуваме во буџетот и колку од тие средства одат кај самите вработени, рече тој.

Деспотовски истакна дека Владата има грантови за странските инвеститори, но сега практиката е малку поинаква, поддршка сега се дава на оние компании обезбедуваат добро платени работни места.

Меѓу другото, тој посочи дека подобро платените работни места ги мотивира и самите вработени, повеќе да се ангажираат што е предуслов за развој.

Во таа насока, како што рече, инвестирано е во програми за подобрување на вештините – компаниите да инвестираат во професионална надградба на работната сила, како преку дообука на веќе вработени, така и преку ангажман во обука на нови кадри. Исто така фокус е ставен и врз поддршка на компании што воведуваат нови технологии, за што се воведуваат соодветни образовни програми во образовниот процес во земјата.

– Почнавме со обуки, контактиравме со универзитетите и разговаравме за конкретни програми. Целта е да се изработат програми за оние лица што би биле професионално ангажирани во иднина. Во таа насока е и програмата за развој на вештини, со финансиска поддршка на ученици од средните образовни установи за учество на меѓународни натпревари, рече меѓу другото Деспотовски.

Директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Марко Ѓоргиевски од своја страна истакна дека во услови на брзи промени на пазарот на труд, Програмата „Еразмус плус“ три децении промовира младинска мобилност, овозможувајќи им на младите да студираат во странство, да развиваат глобален светоглед, да стекнат нови вештини, да креираат врски со други луѓе и организации.

– Програмата покрај што создава можности за поединците, придонесува и за развој на националните економии, оттаму што создава услови млади луѓе да се вратат во своите матични земји со нови вештини, и тоа како катализатори за напредок…, рече меѓу другото тој, притоа посочувајќи ги Ирска и Естонија како позитивни примери во справувањето со негативната појава на одлив на умови.

На панелот „Развивање вештини и создавање можности: стратегии за справување со одливот на мозоци“, меѓу другите учествуваа и Маја Ханџиска Трендафилова, директорка на РЕСПА, Ливија Леу, државен секретар во швајцарското Министерство за надворешни работи, Бленди Ходаи, коосновач и директор на Форум за образовни промени, Игор Маџов од Стартап Македонија, Леке Жерка, коосновач и директор на мрежата на БОНВЕТ од Косово, Андрија Младеновиќ, проектен координатор во Центар за Европска политика од Србија, Грета Харапај, маркетинг директор во Аладин, Албанија, Сеад Шахман, доцент и заменик-претседател на Бошњачкиот национален совет од Црна Гора, Стефан Вељановски, професор по економија на Универзитетот во Индијана, како и Блерина Зендели од старт-ап акцелератор на УЈИЕ.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK