Општина Центар и Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ со помош на Министерството за внатрешни работи започнаа со акција за дислоцирање на хаварисани односно неисправни или нерегистрирани моторни возила од јавните површини на целата територија на општината. Инспекциските служби во изминатиот период започнаа со ставање на известување односно опомени до имателите на моторните возила истите да се јават на телефонски број 076 350 767 со цел ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ бесплатно да го кренат возилото и го однесат во отпад.
„Започнавме со акција со која веќе неколку дена ги известуваме граѓаните дека во следните неколку денови можат да се јават на телефонскиот број оставен на нивното хаварисано возило со цел истото бесплатно да им биде однесено во отпад и воедно и да им биде проценето согласно откупната цена за старо железо. Нашата цел е да ги дислоцираме хаварисаните возила кои со години го узурпираат јавниот простор, го попречуваат движењето на пешаците или зафаќаат простор на паркинзите. Верувам дека оваа акција ќе вроди со плод и ќе ја промени грдата слика во маалата“, вели Герасимовски.
Општина Центар ги известува сопствениците на хаварисаните возила дека доколку и согласно опомената до 26.09.2024 година хаварисаните возила не бидат отстранети против нив ќе биде поднесена пријава за сторен прекршок, согласно со член 63 став 1 и став 2 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата за што е предвидена парична казна од 45 евра или согласно член 14а став 2 Алинеа 7 од Законот за Јавна чистота за што е предвидена парична казна од 150 евра.