„Првиот претседател на државата Киро Глигоров е еден од најголемите великани на современата македонска историја. Тој беше државник, визионер којшто ја водеше Македонија со многу ум, трезвено, најзаслужен за тоа што бевме единствени од сите поранешни републики на Југославија кои без војна и крвопролевање се изборивме за независност и меѓународно признавање”, истакнува градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски по повод одбележување на 13-годишнината од смртта на првиот претседател на Републиката, Киро Глигоров.
Герасимовски, потенцира дека поранешниот претседател Киро Глигоров е личноста што ги поврза двата столба на македонската државност – АСНОМ 1944 и 8-ми Септември 1991.
„По неговиот пат на соработка, на соживот, на градење мостови продолжуваме и ние, следните генерации. Како градоначалник правам сѐ за да го продолжиме неговиот аманет – да се грижиме за граѓаните, демократски да ја развиваме земјата и да вложуваме во подобра иднина. Со отворањето на основното училиште „Киро Глигоров” во Општина Центар, со едукација на младите за историјата и одење на патот којшто тој го зацрта продолжуваме да се грижиме за ликот и делото на првиот македонски претседател”, вели Герасимовски.
Глигоров бил добитник на бројни меѓународни награди и признанија – ценет и вреднуван за својата работа од целиот свет.
Една од негови најголеми мисли кои до ден денеска имаат силно значење: „Најголемото достоинство на нашиот народ е што го сочува мирот, што не влезе во никаква војна, што не носи никаква вина за се она што се случи и што го загрозува целиот свет”, пишуваат од Општина Центар.