Општина Центар како поддршка од Владата добива околу 40.000.000 денари за реконструкција на улиците Светозар Марковиќ и Дебарца. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во Владата го потпишаа договорот за реализација на реконструкција на двете улици како и за реализација на проектот за хортикултурно и партерно уредување во населба Капиштец за кој општината доби поддршка од 24.780.000,00 денари.
Договорот се однесува на хортикултурно и партерно уредување од паркингот кај трговскиот центар Зебра до парк Капиштец. Истиот опфаќа комплетно ново зеленило, осветлување и ново партерно уредување.
,,Ја поздравувам одлуката на Владата за доделување средства во општините за локален интерес. Поддршката за овие проекти е навистина значајна и за општината и за граѓаните. Реконструкцијата и хортикултурното и партерно уредување заедно со новото осветлување ќе го разубави овој потег на Капиштец и ќе му даде посебен изглед. Верувам дека овој простор ќе биде новото зборно место за одмор на многу наши сограѓани“, смета Герасимовски.
За реализација на овој проект во кој учество има и Општина Центар обезбедени се 2 милијарди денари или 32,5 милиони евра преку пренамена на финансиски средства од буџетите на 6 министерства и тоа здравство, образование, труд и социјална политика, култура, транспорт и врски, животна средина и просторно планирање и Агенцијата за млади и спорт. Поддршка за локален развој добија 44 општини во државата со поддршка на 66 проекти.