Големината на огнениот фронт, тешко пристапниот терен, неповолните временски услови, како и големиот број на детонации од неексплозирани гранати, не дозволија локализација на пожарот во високата зона и полека истиот навлезе во буковите шуми на Исток, Запад и Север, информира Центарот за управување со кризи за пожарот на Галичица.
Петнаесет волонтери на планинската спасителна служба при Црвен крст и алпинистичкиот клуб Патагонија од Охрид заедно со девет припадници на реџерската служба на Националниот парк Галичица, од самиот почеток на пожарот се во постојана битка со огнената стихија која веќе 10 дена беснее во високо планинските предели на Галичица.
„Повремено поткрепени со тимови на ТППЕ Охрид и Ресен, ДСЗ, како и со доброволци од локалното население, во изминатите 10 дена тимовите се обидуваа да го стават под контрола пожарот во високо планинските предели на над 2.000 метри надморска височина, каде пристапот е возможен само со пешачење од најмалку 2 часа, а во неколку наврати беа транспортирани и со хеликоптер на МВР“, велат од ЦУК.
Последните три дена, волонтерите сместени во планинската куќа Спиридон, постојано се на терен и 24 часа го контролираат развојот на пожарот со цел подготвување на подобар план за делување следниот ден.
Во моментот се делува со рачно обезбедување на заштитни појаси во шумските предели, со цел заштита на што е можно поголем шумски фонд, за што дополнително се вклучени и поголем број на доброволци планинари и ловџии од Охрид и Ресен.
Денес дејствуваа и два воздухоплови кои им помогнаа на тимовите во навистина тешката битка.
„Иако веќе исцрпени, волонтерите на планинската спасителна служба, со целокупниот материјално технички капацитет на службаѕа, со три теренски возила и едно специјално транспортно возило АТВ 6×6, како и со обезбедување на логистика во храна и вода за сите учесници во гасењето на пожарот, обезбедена од сопствениот скромен буџет и неколку компании донатори, остануваат на терен се до конечно гаснење на огнот“, велат од ЦУК.