Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, се сретна со заменик-министерката за надворешни работи на Република Грција Aлександра Пападополу, со која разменија мислења за јакнење на соработката и дијалогот меѓу двете земји на сите полиња, како и за понатамошниот процес на пристапување на земјава во Европската Унија.
Тој се заблагодари за поддршката од Грција за процесот на евроинтеграција на земјава, по зачленувањето во НАТО, што е резултат, како што рече, на постигнувањето на Преспанскиот договор.
Заменик-министерката на грчкото МНР му го честиташе на претседателот Гаши изборот на функцијата, при што порача дека Северна Македонија има искрен пријател во Грција. Тоа, рече Пападопулу, е пораката што ви ја носам од целото лидерство на Грција – дека ние сме пријатели, соседи, сојузници, партнери во НАТО, а еден ден ќе бидеме и партнери и во ЕУ.
Претседателот Гаши заклучи дека двете земји се на мошне добар пат во унапредувањето на билатералните односи, со оглед на интензивната соработка и комуникација меѓу граѓаните, во делот на економијата и туризмот,со потенцијали за интензивирање во патната инфраструктура, енергетиката, образованието, културата и во сите други области од заеднички интерес.
Соговорниците се осврнаа и на соработката на ниво на парламенти, при што претседателот Гаши покажа интерес за организирање официјални посети и истовремено ја информира заменик-министерката Пападопулу дека во Собранието на РСМ во секој нов мандат се формираат пратенички групи за соработка меѓу двете земји.