Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со комесарката за проширување, Марта Кос, која е во еднодневна посета на земјата. На средбата присуствуваа и пратеничките Ели Панова, Бисера Костадиновска Стојчевска и Рина Ајдари, како и генералниот секретар на Собранието Марина Димовска.
На средбата се разговараше за напредокот на земјата на патот кон членство во Европската Унија, со посебен акцент на спроведувањето на Реформската агенда. Претседателот Гаши изрази благодарност за Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан, оценувајќи го како значаен инструмент за поддршка на реформите, кој ќе придонесе за забрзан економски и социјален развој на целиот регион.
„Во текот на средбата беше потврден напредокот на Република Северна Македонија во спроведувањето на клучните реформи, врз основа на кој на земјата ѝ беа одобрени 142,1 милиони евра во рамките на Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан. Исто така, беше нагласена важноста од конструктивен политички дијалог и обезбедување широка меѓупартиска поддршка за спроведувањето на реформите поврзани со процесот на европска интеграција“, соопштија од собраниската прес-служба.
Соговорниците ја оценија посетата на еврокомесарката за проширување како силна потврда на континуираната поддршка на Европската Унија за европската перспектива на Република Северна Македонија, како и дополнително охрабрување за продолжување на реформскиот процес и спроведувањето на клучните реформи.