(Фото+видео) „Македонијо, ти си бисер балкански“ ечеше на свечената промоција на 508 нови полициски службеници

MixCollage-27-Apr-2024-02-31-PM-8968.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во Центарот за обука во Идризово денеска се одржа свечена промоција на нови полициски службеници – генерација 2023-2024 година. Едногодишната обука ја завршија 508 нови полицајци. Од нив 416 се мажи, а 92 жени.


Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, упатувајќи честитки до кандидатите истакна: “Имајте на ум дека секоја добра промена, промена на подобро почнува од поединецот од неговиот светоглед, поведение и дејствување, а не обратно. Секако, говорам за интегритетот, кој што е суштинска спротивност од подмитливоста или поткупливоста, од лицемерието, од непочитување на законите или од селективната правда. Вие, како млади луѓе пред кои што е иднината имате право, можност, одговорност и секако – обврска секој во својот домен на способности и афинитети да даде свој придонес за подобра и поперспективна заедничка иднина“, рече министерот Тошковски.

Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев, во своето обраќање потенцираше дека полициската професија секојдневно е исправена пред многу предизвици на кои полициските службеници треба веднаш да одговорат согласно законските прописи, но истовремено претставува благороден животен пат достоен за гордост и почит со секој постигнат резултат како сервис на граѓаните, со секој успешен подвиг како гарант на безбедноста.

„Патот на создавање добар полициски службеник бара посветеност, одговорно и домаќинско работење. Ние како раководство на МВР сме тука да ги обезбедиме сите потребни ресурси и поддршка да ви овозможиме сè што е потребно за достоинствено извршување на вашите работни задачи, а ваша должност како идни колеги и вработени во МВР, ќе биде да се грижите за безбедноста на сите граѓани и државата“, потенцираше Бојмацалиев.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Талат Џафери во своето обраќање ги охрабри новите полициски службеници да бидат чесни и посветени во спроведувањето на своите должности кон граѓаните и горди на својата работа.

„Професионално да се справувате со новите предизвици на работа и да бидете подготвени за очекуваните одговори. За вашата професионалност и љубов кон професијата, да сведочат резултатите од секојдневната работа во секоја област на безбедноста. За професионалниот полицаец, нема помалку или повеќе важна задача. Сите граѓани се еднакво исти пред законот и имаат еднакво исто право на безбедност. Како идни полициски службеници, очекувам преку сопственото поведение и труд да покажете дека, полицијата како институција е професионална, и успешно ги остварува своите законски надлежности и задачи“, истакна премиерот Џафери.

На церемонијата беа доделени плакети за 16 најдобри тимови од оваа генерација, а за најдобар од генерацијата 2023/2024 беше прогласен Андреј Тодороски, на кого му беше доделена свечена плакета од претседателот на Владата, а доби и пригоден подарок од Македонскиот полициски синдикат, по што сите кандидати за полициски службеници од генерацијата 2023-2024 дадоа свечена изјава пред присутните.

По завршувањето на церемонијата во центарот во Идризово, при спуштање на македонското знаме, новите македонски полициски сили кои ја завршија обуката ги поздрави министерот Панче Тошковским а тие му возвратија со поздравна песна Бисер Балкански.

https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/04/440404986_962583562538146_1011481900221829362_n.mp4

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK