(Фото) Царинска управа воведе во употреба телесни камери на граничните премини Табановце, Ќафасан и Блаце


telesni-kameri-3.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Со донација од Министерството за правда на САД, Царинската управа официјално воведе во употреба телесни камери во работата на царинските службеници на три гранични премини, Табановце, Блаце и Ќафасан, со чија примена се очекува зајакнување на борбата со криминал и корупција. Царинските службеници при вршење на својата должност ќе имаат право да ја снимаат целата постапка, а снимките ќе можат подоцна да се користат како доказ во прекршочни и кривични постапки. Системот на телесни камери, на официјален настан денеска го промовираа директорот на Царинска управа, Бобан Николовски и вршителката на работите на Амбасадата на САД во државава, Никол Варнс.


„Со обезбедените 30 телесни камери, заедно со целокупниот систем и инфраструктура, добивме систем кој треба да овозможи поголема заштита на царинските службеници, превенција и ефикасна борба против корупција и поголема транспарентност и доверба во системот. Царинската управа мора да биде модерна, професионална и институција во која граѓаните имаат доверба, но и институција во која секој чесен и професионален царински службеник знае дека неговата работа е заштитена и препознаена“, истакна директорот Николовски.

Вршителката на работите на Амбасадата на САД, Никол Варнс, вели дека силните институции се основа за безбедно и просперитетно општество, а денешното предавање на опрема е израз на заложбите на Владата на САД да гради ефикасни односи кои истовремено ги унапредуваат интересите на САД и интересите на нивните сојузници.

„Политиката на САД за странска помош е јасна: таа мора да испорачува резултати, да промовира самоодржливост, и да осигури дека американските ресурси се користат ефикасно и стратешки. Преку оваа донација се стремиме кон зајакнување на демократските институции, сузбивање на корупцијата и поддршка на економскиот раст. Мобилните камери ќе помогнат Царинската управа да ја подобри транспарентноста, да ги спречи нелегалните активности и да изгради јавна доверба, клучни цели во заедничката борба против трговијата со дрога и луѓе и организираниот криминал. Знаеме дека царинските службеници се првата одбранбена линија кога станува збор за нелегални супстанци, забранети стоки, и криминални дејствија кои ги преминуваат границите. Опремувајќи ги царинските службеници со модерна технологија, ги оспособуваме да ги извршуваат своите должности со поголем интегритет и ефикасност. Ова пак ѝ овозможува на Северна Македонија да ги исполни своите обврски како стабилен партнер во регионалната и глобална безбедност“, истакна Варнс.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK