Продуктивноста и конкурентноста се две области во кои имаме многу сериозни проблеми на патот кон ЕУ и ако земјава утре влезе на заедничкиот пазар, ќе има сериозни пречки, рече денеска академик Таки Фити. Според него, не сме целосно подготвени за влез на европскиот пазар, но тоа е процес, оцени, дури и ако се оди на регионална варијанта. Тој процес не може да се направи веднаш, а и прашање е дали ќе прифатат земјите-членки на ЕУ, како и дали ќе се согласат и другите држави, зашто дел од земјите во регионот веќе ги имаат отворено преговорите и имаат одреден напредок.
Фити потенцира дека земјава е најслаба во доменот на институциите, но и во образовниот систем се детектирани сериозни слабости и тоа на сите нивоа. Како што напомена, во високото образование работите се вратени и се во полоша ситуација отколку во раните транзициски години. Сепак, според Фити, имаме и некои предности, а тоа се макроекономската стабилност и информациско-комуникациските технологии, додека една од посилните страни е и бизнис климата.
Регионалната соработка, укажа професорот, не може да биде алтернатива за ЕУ, но нејзиното интензивирање го забрзува процесот на евроинтегрирање.
– Во однос на продуктивноста и конкурентноста, земјава ќе има сериозни пречки кога утре би влегла на заедничкиот пазар. Во однос на конкурентноста сме на дури 82. место меѓу 141 земја, а кај продуктвноста имаме исклучително лоша ситуација, и според БДП по работник, и според новокреирана додадена вредност по работник и според вкупната факторска продуктивност. Тука заостанувањето е меѓу 2,5 и четири пати во однос на европскиот просек, а да не зборувам во однос на високоразвиените земји и тоа ќе прави проблем. Денес ќе го отвораме тоа прашање, ќе дискутираме за факторите кои влијаат на таквата состојба, како и за можните пристапи како тоа може да се реши, изјави Фити пред почетокот на научната конференција „Забрзување на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ: Клучни предизвици и приоритети“.
Како што оцени професорот, незавидна е и ситуацијата во здравството.
– Земјава има релативна предност во доменот на макроекономската стабилност и тоа со години е така, иако високата инфлација малку го наруши тој процес, но во основа, макроекономската стабилност е една од посилните страни, бизнис климата е исто така една од посилните страни според индикаторите на меѓународните институции и имаме одредена релативна предност во усвојување на информациско-комуникациските технологии. Најслаби сме во доменот на институциите, постои ограничувачки фактор во големината на пазарот, имаме сериозни слабости во системот на образование на сите степени. Кога го гледате високото образование, работите се вратени и се во полоша ситуација отколку во раните транзициски години. КОВИД-кризата ги детктираше сите проблеми поврзани со здравството што е исто така битно, а имаме проблеми и со иновациската политика која е во својот зародиш и треба сериозно да се дополни, подвлече Фити.
Тој укажа и дека регионалната соработка е многу значајна.
– Отсекогаш сум сметал дека регионалната соработка и трговија е многу значајна работа зашто тука, во рамките на еден регион, земјите имаат компаративни предности. Поради близната на регионот отпаѓаат големи транспортни трошоци и проблеми врзани со слободата на движење на стоки и услуги зашто царините де факто се укинати. Мислам дека тоа не може да биде алтернатива за ЕУ, но отсекогаш интензивирањето на регионалната соработка го забрзува процесот на евроинтегрирање, потенцира акдемик Таки Фити.