Финансиската полиција влегува во Град Скопје: Ќе го побараме повикот за украсување за кој зборува градоначалничката, сè друго е тајна поради предистрагата

Финансиската-полиција-влегува-во-Град-Скопје-Ќе-го-побараме-повикот.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Инспектори од Управата за финансиска полиција, денес, од градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, ќе го побараат јавниот повик за новогодишното украсување што го добила компанијата што го украсува градот за 30.000 евра, кој не е достапен за медиумите и за граѓаните. Директорот на Управата, Горан Иванов, вели дека екипата тргнува имајќи го предвид тврдењето на градоначалничката дека постои јавен повик, а на што ќе наидат, ќе биде извесно по завршувањето на увидот, кој не е исклучено да трае и повеќе денови.


„Во Град Скопје влегува екипа со оптимален број инспектори за завршување на оваа обврска. Појдовна точка се изјавите на градоначалничката дека постои некаков повик, но за сè друго ќе чекаме да заврши увидот. Сè зависи од она на што ќе наидат инспекторите. Јас во овој момент не би можел да кажам ништо повеќе оти предистрагата е тајна. Токму поради тоа,. во овој момент не можам да кажам ниту дали постапуваме по налог од Обвинителството или по пријава, која може да биде и анонимна. Кога ќе заврши увидот, ќе дадеме и објаснување на забелешките дека увидот го правиме со најава оти се знае од минатиот петок“, вели директорот Иванов за „Макфакс“.

Јавното обвинителство минатата недела, одговарајќи на забелешките на јавноста за новогодишното украсување на Скопје, за кое нема податоци која компанија го прави и како била избрана, посочи дека доколку Управата за финансиска полиција, во чија надлежност е следењето како се трошат народните пари, не оформи предмет, тогаш тие ќе го сторат тоа. По јавната прозивка од Обвинителството, Финансиската полиција се охрабри и соопшти дека денес ќе влезе во Град Скопје.

Градоначалничката Арсовска, откако е дојдена на функцијата, не одговара на прашањата што „Макфакс“ ѝ ги поставува на официјалниот имејл на Град Скопје. Не оговори ниту на прашањата за новогодишното укасување. Со јавноста комуницира еднострано, преку соопштенија, како што и соопшти дека компанија, на која не ѝ го кажа името, за 30.000 евра ќе го украси Скопје.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK