Зајакнувањето на ефикасноста и независноста на судството е еден од највисоките државни приоритети и предуслов за враќање на довербата на граѓаните во институциите, порача министерот за правда на конференцијата „Јакнење на ефикасноста и независноста на судството во Македонија.
„Ова е критичен и одлучувачки момент за правосудниот систем. Мораме јасно и објективно да ја согледаме состојбата, затоа што само преку прецизна процена можеме да дојдеме до одржливи решенија“, истакна министерот за правда Игор Филков во своето обраќање.
Тој нагласи дека состојбите во правосудството се темелно анализирани и документирани во релевантни домашни и меѓународни документи, меѓу кои Развојната секторска стратегија за правосудство 2024–2028, Реформската агенда 2024–2027, Националната стратегија за спречување на корупција и извештаите на Европската комисија.
Посебен акцент беше ставен на Патоказот за спроведување на стратегијата за човечки ресурси за судската мрежа.
„Ова не е само теоретски документ, туку практичен и применлив водич кој нуди јасен и остварлив пат за справување со најитните предизвици во судството“, нагласи министерот.
Министерството за правда, во рамки на своите законски надлежности, во текот на 2024 и 2025 година утврдило алармантни состојби во правосудството, кои директно кореспондираат со идентификуваните слабости во Патоказот.
„Предложените мерки мора сериозно да се разгледаат и да се имплементираат, доколку навистина сакаме резултати што ќе бидат мерливи, видливи и одржливи. Реформите мора да обезбедат пополнување на работните места, модернизација на инфраструктурата, зајакнување на институционалниот интегритет и зголемување на довербата на јавноста преку транспарентност и високи етички стандарди. “, порача министерот Филков.
Како еден од клучните столбови на реформите беше истакната дигитализацијата на правосудството.
„Инвестициите во интегрирани системи за управување со предмети и целосно дигитални судски досиеја не се иднина – тие се сегашност и реална потреба“, рече министерот, додавајќи дека дигиталните алатки ќе овозможат поефикасна распределба на ресурсите и подобар пристап до правдата.
Во делот на законодавните активности, министерот информираше дека во изминатиот период се подготвени околу триесет закони со кои се спроведуваат системски реформи во правосудството.
Законот за Судскиот совет веќе е донесен, а Законот за јавното обвинителство наскоро се очекува да влезе во собраниска процедура. Подготвени се и други закони како дел од целосното ресетирање на правосудниот систем.
,,Наша обврска како Министерство за правда е да создадеме јасни и применливи закони кои ќе бидат инструмент за правда и правичност. Реформите во судството и унапредувањето на законската рамка не се брзи процеси кои се случуваат за еден ден. Тие не се лесни, но се неопходни. Продолжуваме посветено и заедно да работиме на системски решенија”,потенцира Филков.