Филипче до членството: Сега повеќе од било кога ни е потребно единство

02.05.2024-Филипче-2.jpeg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







Носителот на листата на кандидати за пратеници на СДСМ и Коалицијата за европска иднина, Венко Филипче вечерва се обрати на централниот митинг во Изборната единица 4 што се одржа во Радовиш.

„Исправени сме пред одлучувачки момент за иднината на државата, но и иднината на СДСМ. Предизвикот пред нас е голем. По резултатот во првиот круг, нè чека тешка задача да ги подобриме работите. Тешка, но не и невозможна задача е пред нас која може да ја оствариме ако се обединиме на 8 мај“, рече тој.

Според него, секоја партија силата ја црпи од единството.

„За жал, ни се повторува историјата од 2006 година и повторно се соочуваме со поделба. Секој кој вистински ја поддржува СДСМ, кој е социјалдемократ и верува во вредности на слобода, правда, еднаквост, не може и не смее да остане рамнодушен на оваа состојба. Сите добро знаат што значи слаб и поделен СДСМ за иднината на државата. Тоа значи власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ без контрола, насилна власт која ќе злоупотребува и гази сè пред себе. Ова не го кажувам за да заплашам никого. Ова го кажувам затоа што во ВМРО-ДПМНЕ нема суштинска промена. А кога нема суштинска промена не може да се очекува различно владеење“, истакна Филипче.

Оценува дека во овој момент не е клучното прашање дали СДСМ ќе оди во опозиција. Клучното прашање е, како што вели, што е на другата страна, која е алтернативата, дали Македонија може да остане на стратешкиот колосек со нив?

„Ниту една грешка на СДСМ не е толку голема за да го оставиме ВМРО-ДПМНЕ да нè враќа назад како држава. Ниту една грешка не е толку голема да ги оставиме да нè понижуваат и потценуваат. Затоа, апелирам до секој од вас да смогнете сила, заедно да одработиме за достоинствен изборен резултат.
Драги сопартијци, драги симпатизери и поддржувачи, со вашиот глас против не ја казнувате СДСМ, туку ја наградувате ВМРО-ДПМНЕ. И доделувате неограничена моќ која тие најдобро знаат како да ја злоупотребат. Веќе започнаа со заплашувања и реваншизам и нема да престанат тоа да го прават.

Сега, повеќе од кога било ни е потребно единството. Ова е време кога мора да останеме заедно. Нашето единство е нашата моќ“, порача Филипче.

„Ја слушнав понудата која вчера партијата ЗНАМ ја даде јавно до СДСМ. Дозволете ми кратко, да ја кажам вистината за овој политички маневар на Максим Димитриевски. Понудата на ЗНАМ кон СДСМ не е реална понуда. Ваквата понуда е очекувано да биде одбиена од кое било раководство на партијата. Таа е направена со цел да биде одбиена. Нема чесни намери во делувањето на Максим Димитриевски кон СДСМ или членовите на партијата за кои наводно го болело срцето. Неговиот предлог, кој повеќе личи напишан во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, е само алиби да ја оправда коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, во која е ефективно уште од 2021 година. Оние кои му мислат добро на СДСМ секогаш остануваат и се борат од внатре да ги менуваат работите на подобро. Вистинските социјалдемократи не бегаат и не се обидуваат да ја поделат СДСМ“, кажа Филипче.

Порача граѓаните уште еднаш добро да размислат пред гласањето на 8 мај.

„Гласот е одговорност кон себе, но и кон сите други во општеството, гласот е алатка за избор на тоа каква иднина сакате.
Да се мобилизираме за изборите на 8 мај и да постигнеме добар резултат“, рече тој.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK