Фер туризам започнува со пријавен доход: УЈП со порака до туристичкиот сектор


dojran.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Управата за јавни приходи денес во Дојран одржа информативно-работна средба со локалните туристички работници и претставници на дејности поврзани со туристичката дејност.


На средбата, организирана во соработка со Општина Дојран, претставници на Управата за јавни приходи разговараа со издавачи на сместувачки капацитети, угостители, хотелиери и други даночни обврзници за најчестите прашања и предизвици со кои се соочуваат во текот на туристичката сезона.
Особено внимание беше посветено на пријавувањето на доходот од издавање недвижен имот, како една од значајните теми за туристичките места во текот на летниот период.

Во рамки на кампањата „Фер туризам започнува со пријавен доход“, на присутните им беше укажано дека доходот остварен од издавање апартмани, соби, куќи, вили и други сместувачки капацитети треба навремено да се пријави и соодветно да се оданочи.

Пријавувањето на доходот се однесува и на краткорочното издавање на сместувачки капацитети, независно од начинот на кој се врши плаќањето или од тоа дали гостите се домашни или странски.

Воедно, беше појаснето дека обврската важи и кога резервациите се реализираат преку дигитални платформи и други онлајн канали.

Туристичките работници добија практични информации за пријавувањето на доходот од закуп и подзакуп преку е-Даночни услуги, како и за начинот на пресметување на данокот на личен доход и примената на признатите трошоци.

Со оглед на сезонскиот карактер на голем дел од туристичките активности во Дојран, значаен дел од разговорот беше посветен и на ангажирањето сезонски и повремени работници.

Работодавачите беа информирани за обврските при ангажирање лица за сезонска или повремена работа, при што работниот ангажман треба да биде формализиран и пријавен согласно Законот за работно ангажирање на лица. Беа дадени насоки и за обезбедување на потребните е-ПДД и МПИН пресметки преку системот е-Даночни услуги.

Дојран, како туристичко место со разновидна понуда поврзана со езерскиот туризам, има и голем број активности кои се реализираат во текот на летната сезона. Затоа, на средбата посебно беа разгледани и дејностите од времен карактер. Беа опфатени активности како изнајмување кајчиња, педалинки и друга опрема за рекреација на вода, но и продажба на сувенири, ракотворби, накит и уметнички предмети. На присутните им беше посочено дека физичките лица кои остваруваат доход од вакви дејности имаат обврска да го пријават доходот и да го платат данокот на личен доход.

Пред започнување со дејноста, потребно е да се поднесе Барање за паушално плаќање на данокот на личен доход – Образец ДЛД-П, до надлежната организациона единица на УЈП.

Работната средба беше можност за директен разговор меѓу УЈП и туристичкиот сектор, при што присутните поставуваа прашања за конкретни ситуации од нивното работење и добија појаснувања за начинот на исполнување на даночните обврски.

Од УЈП беше истакнато дека целта на ваквите средби не е само информирање, туку и воспоставување отворена комуникација со даночните обврзници и обезбедување навремена поддршка за правилно исполнување на обврските.

„Пријавениот доход значи еднакви правила за сите. Редовното исполнување на даночните обврски придонесува за намалување на сивата економија и нелојалната конкуренција, но и за создавање поуреден и поконкурентен туристички сектор. За туристичките места како Дојран, развојот на туризмот е тесно поврзан со развојот на локалната заедница. Средствата од платените даноци се дел од финансирањето на јавните услуги, инфраструктурата и други потреби од значење за граѓаните и посетителите. Управата за јавни приходи и понатаму ќе продолжи со вакви информативни активности, со цел даночните обврзници да имаат навремени и јасни информации и полесно да ги исполнуваат своите законски обврски. Фер туризам значи информирани туристички работници, пријавен доход и еднакви правила за сите“, велат од УЈП.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK