Еколошкиот систем за гасење пожар на Борис Јанковски и Искра Јанковска-Михајловска, награден за Патент на годината


slika.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Еколошкиот систем за гасење пожар, изум на компанијата за истражување и развој „Веда“ и изумителите Борис Јанковски и Искра Јанковска-Михајловска, ја доби највисоката државна награда за изуми „Патент на годината“.


Наградата традиционално годишно ја доделува Државниот завод за индустриска сопственост.

„Веда“ е мала семејна компанија основана во 1991 од Јанковски кој е инженер и истражувач, а ја раководи ќерката Јанковска-Михајловска.

„Ова е многу значајно за развој на нашиот бизнис, бидејќи сме фирма што ги продава технологиите што ги создава. Но, без иновации нема напредок. Овој пронајдок е значаен за развојот на различни бизниси во кои може да се имплементира, а во исто време да ја заштити животната средина“, вели Јанковска-Михајловска.

Изумот овозможува гасење во моментот на настанување на пожарот, што е приоритет во техниките на гасење. Користи супстанца што е потврдена како нетоксична според меѓународни стандарди и протоколи, а тоа е важно затоа што Европската комисија постојано ги заострува регулативите поврзани со емисија на токсични гасови.

Оваа супстанца е соодветна за употреба во станбени и јавни простори, во простории каде што има луѓе и е безбедна алтернатива на постојните системи за гасење пожари, кои поради нивната штетност за околината се во процес на повлекување во Европската унија.

„Системот може да се примени во различни сектори, електрични возила, камиони, автобуси, воена и полициска опрема, системи за производство на енергија од сонце и ветер. За време на ковид кризата со тимот работевме интензивно на овој систем, со поддршка на Фондот за иновации, и стасавме до фаза кога веќе може да влезе во индустриско производство“, изјави изумителот Јанковски.

Овој пронајдок во 2022 ја доби првата награда на американскиот натпревар за висока технологија поддржан од американската армија и Министерство за одбрана на САД, а следната година Искра Јанковска-Михајловска во Вашингтон го доби признанието „Жена во фокус на технологијата“.

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK