Техничкиот премиер, Талат Џафери, денеска се сретна со амбасадорот на Република Словенија во државата, Н.Е. Грегор Прескер.
Во фокусот на разговорот беа севкупните билатерални односи меѓу Северна Македонија и Словенија и можностите за нивно унапредување, со акцент на економската соработка. На средбата се разговараше и за европската перспектива на нашата држава, како и состојбите во поширокиот регион од Западен Балкан.
Соговорниците истакнаа дека двете држави имаат одлични билатерални односи кои се карактеризираат со постојана меѓусебна поддршка и почитување.
Џафери ја поздрави поддршката што Словенија ја дава за европската перспектива на Северна Македонија, како и за споделувањето на искуствата во овој процес.
Освен успешната политичка и економска соработка меѓу двете земји, соговорниците разменија ставови и за соработката во областа на одбраната, внатрешните работи, културата, науката и образованието.
Амбасадорот Прескер истакна дека Северна Македонија заедно со другите земји од регионот е географски приоритет за Словенија и ќе продолжи активната и гласна поддршка на Словенија за европската интеграција на Северна Македонија.