Премиерот, Талат Џафери, го заврши присуството на јубилејната, 60. Минхенска безбедносна конференција, којашто шест децении претставува платформа за постигнување мир преку дијалог, и, како што велат од Владата, е добра можност, за реафирмација на цврстата определба на Северна Македонија кон евроатлантскиот пат и демократските вредности.
Џафери, заедно со уште 450 политички лидери, преку присуството на панелите, неформалните разговори и билатералните средби, ја сподели определбата на Македонија во стратешко партнерство со САД, придонес и членство во НАТО и забрзана интеграција кон ЕУ. На конференцијата, беше усогласена определбата кон помирување наместо одмазда и во зајакнување на регионалната соработка – како дел од патот кон целосна интеграција во Европската Унија.
Од исклучителна важност е улогата на САД и нивното лидерство во глобалната безбедност. Слободниот демократски свет повторно се соочува со одбраната на демократските вредности, наспроти растечкото диктаторство на авторитарните актери.
На панелите на кои се обратија потпретседателката на САД, Камала Харис, Канцеларот Шолц, Претседателот на Украина, Зеленски и Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, потврдена е поддршката за Украина во одбраната на овие вредности. Нагласена е потребата од ангажирана помош кон Украина во обезбедувањето на воена опрема и помош, и зацврстување на позицијата на Украина. Во однос на НАТО, потврдено е дека без разлика на растечките закани, НАТО станува побројно, посилно и поотпорно од кога било досега. Германија инвестира во својата одбрана сѐ повеќе, и ја нагласува потребата од европските земји да преземаат повеќе за безбедноста и сега и во иднина, со цел да се јакне политиката на одвраќање.
На билатералните средби со партнерите од Европа и светот, беше нагласено дека изборите се одредница за евроатлантските перспективи на Северна Македонија, но и од голема регионална важност. Интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е политички, безбедносен и економски интерес на регионот и на Унијата, и геостратегиска инвестиција во стабилноста на европскиот континент и пошироко. На средбите со лидерите од регионот и партнерите, потврдена е определбата кон евроатлантски регион, посветен на европски квалитет на живот, отпорен на штетни национализми, дезинформации и потпалувачки наративи – закана за прогресот насекаде.