Поранешниот директор на ЈСП и пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев е осуден на две години условен затвор за набавката на двокатните автобуси.
Јанушев ќе ја издржи ако во рок од пет години стори друго кривично дело.
Во судницата не беа присутни ниту Лиле Стефанова, ниту Јанушев и неговите адвокати.
„Обвинетиот Игор Јанушев виновен е дека Осудениот Миле Јанакиески, и двајцата членови од Комисијата за јавна набавка за двокатните автобуси заедно со Игор Јанушев при вршење на јавна набавка за економскиот оператор Јутон од Кина прибавиле корист за набавка на двокатните автобуси на начин што постапувајќи по јавниот оглас за набавка на 202 новопроизбедени нови автобуси, 200 од затворен и 2 од отворен тип, осудените и обвинетиот Игор Јанушев во говорот со осудениот Миле Јанакиески како министер за транспорт и врски постапиле спротивно на Законот за јавни набавки иако Јутон не доставил гаранција заедно со документацијата и не доставил сертификат ИСО како што се барало во документација, туку ИСО сертификат кој не бил во согласност, а Комисијата не ја одбила набавката.
Како валидна ја прифатиле копијата од банкарска гаранција од 9.02.2010 година која била доставена после рокот, иако како Комисија не побарале дозвола. Откако ја исклучиле фирмата од Бугарија, иако била за над 2 милиони денари поевтина од понудата на Јутон, тие ја избрале понудата Јутон. Јанакиески не ја поништил набавката иако бил должен да го стори тоа и склучил договор со Јутон за купопродажба на новопроизведени автобуси“, рече судијата Осман Шабани.
Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и две други обвинети признаа вина во случајот „Дизајн“ за набавката на кинеските двокатни автобуси за ЈСП и веднаш добија пресуда. Двете обвинети, кои заедно со ексминистерот признаа вина, се гонеа како членови на Комисијата за јавна набавка која ја спровела набавката.
По признавањето, судечкиот совет на чело со судијата Осман Шабани, изрече и пресуда. Јанакиески и двете обвинети добија условни казни од по две години затвор кои нема да се извршат доколку во наредните пет години не сторат ново кривично дело.
Случајот „Дизајн“ го отвори СЈО, а по згаснувањето премина во рацете на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.