Денеска се одбележуваат 23-годишни од загинувањето на десетте резервисти од Прилеп кај месноста Карпалак.
Делегации на Министерството за одбрана, Генералштабот на Армијата и Собранието ќе положат цвеќе на спомен-плочата на бранителите на местото каде што загинаа и пред спомен-обележјето во центарот на Прилеп.
Положувањето на венците со свежо цвеќе кај месноста Карпалак ќе се одржи во 09:00 часот, а во Прилеп од 13:00 часот.
Делегација на Собранието, во состав: Билјана Кузмановска, Миле Талевски и Павле Арсоски, ќе положи свежо цвеќе во 13:00 часот пред комплексот Карпалак во Прилеп.
Масакрот кај Карпалак е најброен масакр врз војници во воениот конфликт во 2001 година. На 8-ми август 2001-ва година 10 резервисти беа убиени а тројца ранети кога конвој од хермелин – два автобуса – камион и комбе од Прилепската касарна одел кон Тетово.
Кај месноста Карпалак конвојот бил пресретнат во терористичка заседа во 9:30 часот и врз него бил отворен жесток оган од тешки митралези и рачни ракетни фрлачи.
Едно транспортно возило било погодено со ракетен фрлач при што загинале осум војници и двајца офицери сите од резервниот состав. Со ракетен фрлач бил погоден и еден од автобусите. Борбите за извлекување на преживеаните 108 луѓе траеле повеќе часови.
Жртви во крвавиот масакр кај Карпалак беа Нане Наумоски од Прилеп – Сашо Китаноски од Прилеп – Бранко Секулоски од Прилеп – Горан Миноски од Прилеп – Марко Деспотоски од прилепско Новоселани – Ердован Шабаноски од Прилеп – Љубе Грујоски од прилепско Пашино Рувци – Дарко Велјаноски од прилепско Ропотово – Веби Рушитоски од Прилеп и Пеце Секулоски од прилепско Бело Поле.