Во периодот од 30.08-05.09.2024 година пријавени се 25 нови случаи на голема кашлица, за 47,1% повеќе во споредба со претходниот седмодневен период (n=17).
Во однос на географската дистрибуција, најголем дел од случаите се пријавени во Скопје (n=14; 56,0%), а пријавени се и 5 случаи од Тетово, 3 од Кратово, 2 од Куманово и еден од Крива Паланка.
Возраста на заболените се движи од 1 месец до 60 години, а најголем број на случаи се од возрасната група под 1 година (n=8; 32,0%).
Во однос на вакциналниот статус на заболените, 18 лица се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус, 6 се комплетно вакцинирани и еден е вакциниран согласно возраста.
Од новите случаи (n=25), 5 (20,0%) беа хоспитализирани.
Заклучно со 05.09.2024, во РСМ се регистрирани вкупно 1.074 случаи на голема кашлица, со инциденца од 58,5/100 000 жители. Тоа претставува неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период (2019-2023 година), кога се регистрирани вкупно 10 случаи.
Дистрибуцијата на случаите по однос на место на живеење покажува дека најголем број лица живеат во Скопје – 774 (72,1%) со зафаќање на 17 општини.
Во рамките на епидемијата во Куманово се пријавени 84 заболени лица (7,8%), а во рамките на епидемијата во Тетово, пријавени се 64 заболени лица (6,0%). Случаи се пријавени и во други 20 градови низ државата.