„Два месеци нема плата за вработените, а пред избори се примаат работници“ – Национални шуми на протест

nacionalni-shumi-protest.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







Триесет подружници се собраа пред Јавното претпријатие Национални шуми, со цел да го изразат незадоволството оти втор месец немаат добиено плата, ниту теренски додаток.

Претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП) Иван Пешевски, од протестот рече дека вработените се на своите работни места и не ги извршуваат задачите, оти се гневни и на менаџментот и директорот и на нивните раководители и сите претставници од власта кои земаат 80 отсто зголемени плати, а тие не дочекале да добијат втор месец плата.

„Апелираме да не си поигруваат со судбината на овие 1.800 вработени, бидејќи ако можеа да вработуваат луѓе пред избори и да ги лажат, тогаш треба и да обезбедат плати“, рече Пешевски, појаснувајќи дека 355 работници биле примени на работа пред два месеци. Тој е дециден дека претпријатието нема потреба од сезонски работници, туку луѓето коишто веќе се таму треба да имаат 12 месеци плата и здравствено осигурување.

Претседателот на синдикатот им порача на политичарите кога одат по градовите по митинзи да ги прашуваат луѓето за нивните проблеми, оти работникот веќе е згорчен од политика и оди на работа за плата и додатоци.

„Срамота е во 21 век да се молиме за плата“, рече Пешевски.

Како што додаде, во Национални шуми нема крадци, туку крадците се по дирекциите и во фотелјите. Крадците, вели Пешевски, не се ни сеча, ни дотур, ни сите оние шумари коишто земаат мизерни плати, изложени на надворешни влијанија и со висок процент на ризик.

Најави дека планираат да ги радикализираат протестите и пред Владата во следните денови, и на 1 мај – како меѓународен ден на трудот.

„Ќе бидеме се побројни и погласни особено вработените во јавниот сектор. Врие и во паркови и зеленило, комунална, водовод, водостопанство, македонски пошти, врие и кај културните работници. Сите се со мизерни плати“, рече тој.

Прашан од новинарите за ставот на менаџментот, Пешевски од протестот изјави дека од таму секогаш велат оти зимскиот период е тежок.

„Како може да трошат милиони на возила, а да не обезбедат плата за ваботените. Работниците не се должни да чекаат 2 или 3 месеци за плата. Не веруваме во лаги и ќе протестираме ако треба секој ден“, додаде.

Појасни дека платата на шумарскиот инжинер не изнесува повеќе од 25 до 26.000 основни примања, без додатоци.

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK