Демократската унија за интеграција ја поздравува подготвеноста што ја изрази премиерот Христијан Мицкоски за одржување предвремени парламентарни избори, доколку тоа го побара опозицијата, соопштија од партијата.
„Го бараме тоа. Конечно и премиерот разбра дека оваа состојба е неодржлива и дека на државата ѝ е потребен нов политички мандат. Владата го загуби легитимитетот да продолжи со европската изолација, влошувањето на меѓуетничките односи, нарушувањето на Охридскиот договор и слабеењето на застапеноста на Албанците во институциите. Затоа ДУИ бара изјавата на премиерот веднаш да се претвори во конкретно дејствување“, велат од ДУИ.
Партијата бара во наредните денови да се утврди најбрзиот уставен рок, да започнат изборните подготовки и на граѓаните да им се даде можност да одлучат за насоката во која ќе се движи државата.
„Доколку понудата на премиерот е сериозна, нема причина за одложувања, изговори или политички калкулации. Опозицијата го даде својот одговор. ДУИ е подготвена. Да се распушти Собранието. Да се определи датумот. Да одиме на избори“, повика ДУИ.