Сместен во живописниот предел над селото Битуше, скитот посветен на “Светите Кирил и Методиј”, деновиве повторно беше омилената дестинација за четириесетина млади луѓе, кои беа дел од летната програма за деца и младинци, иницирана од нашиот Старец, епископот Антаниски, г. Партениј.
Со негов благослов, овие прекрасни млади души, преку меѓусебна дружба, едукативни работилници и интерактивни предавања, како и преку неизоставните игри и рекреација, се запознаа со основите на возвишеното духовно воспитание, со неприкосновените вистини за христијанската вера, но и со толку потребните во современ контекст социјални вештини. Беше навистина прекрасна можност да се биде среде толку инспиративни млади луѓе, кои согласно особеностите на младешката природа, смело поставуваа интригантни прашања, движејќи се низ предизвиците и пределите на посакуваната слобода, вистинскиот избор, човечката и божествената правда, високото ниво на толеранција, рамноправноста и сострадалноста.
Нивното радосно заедничарење ги привлекуваше и мештаните и дојденците во околните рекански села, кои со посебно расположение доаѓаа во дворот на скитот, за да ги следат вечерните предавања и да се исполнат со неверојатниот спокој кој извира од ова место.
Бескрајна е нашата благодарност кон Бога, истовремено и кон родителите што ги подигнале овие убави, одговорни и совесни млади луѓе, кои се пофалба и надеж за светлата иднина на нашето општество.
Уште еднаш изразуваме огромна благодарност до нашите штедри донатори: Лакталис, Житолукс, Житополог, Кристал 1923, Витаминка, Куќа на Мијаците, Драни Премиум, Просветно дело, издавачка куќа Ѓурѓа и други добронамерни граѓани, кои овозможија голем дел од своите производи за летните школи за деца.
https://bigorski.org.mk/vesti/nastani/duhovno-vozdignuvanje-na-mladite-vo-skitot-sv-kiril-i-metodij/