Државниот врв со честитка до христијаните кои денес го празнуваат Божик

Државниот-врв-со-честитка-до-христијаните-кои-денес-го-празнуваат.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Претседателот, Стево Пендаровски, и премиерот Димитар Ковачевски упатија честитка до верниците на Католичката црква и граѓаните кои денес го празнуваат Божиќ според грегоријанскиот календар.


Пендаровски на верниците им посака празничните денови да ги поминат пред се во добро здравје, во мир, хармонија и љубов, исполнети со радост и среќа.

„Божиќ како еден од најголемите и најсветлите христијански празници ни носи верба и надеж исполнувајќи ги нашите домови со топлина, а нашите срца со љубов. Токму на денот на Христовото раѓање да ја покажеме нашата добродетел и да бидеме солидарни и грижливи за нашите блиски. Да си даруваме љубов и внимание и да се почитуваме и помагаме. Само сплотени и со длабока меѓусебна почит и заедништво ќе постигнеме просперитет и напредок на македонското општество. Христос се роди. Нека ни е честит Божиќ“, напиша Пендаровски.

Премиерот Димитар Ковачевски, во име на Владата и во свое име, посака спокојот и вербата што ги носат празничните денови да го насочат вниманието кон вистинските вредности, почитта, љубовта, разбирањето, трпението, грижата едни за други, на што посочува и Христовото дело.

Тие вредности, вели Ковачевски, се поттик и за совеста и духовната сила, за одговорноста на секого поединечно, во изградбата на општество на среќни луѓе, кои мотивирано придонесуваат во напредокот.

„Во годината што е пред нас, има потреба повторно цврсто да се сплотиме околу приоритетите. А тоа денес е целта да осигураме заедничка перспективна иднина, за сегашните и идните генерации, во својата родна земја, Република Северна Македонија. Убеден сум дека како и досега, заедно ќе успееме и во овој наш заеднички предизвик. По примерот на Христос, да правиме добри дела, што се светол патоказ за нашите деца, но и за следните генерации. Пожелувам божиќните и новогодишните празници да ги поминете во мир и радост, меѓу своите сакани. Христос се роди! Среќен Божиќ!“, напиша премиерот Димитар Ковачевски во честитката до бискупот Киро Стојанов.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK