Претседателот Стево Пендаровски, денеска во своето обраќање во Собранието посочи дека крајот на 2023 година ни ја донесе најголемата тага во последната деценија и рече дека преку личната трагедија на малата Вања и нејзиното семејство можевме како на дланка да ја видиме целата патологија на македонската транзиција, амбиентот кои сите ние, повеќе или помалку, го создававме во изминативе 32 години.
„Требаше секој од нас, а посебно ние политичарите, многу почесто и погласно да зборуваме против овие појави, наместо да веруваме во моќта на нашиот демократски систем дека ќе може да ги толерира и апсорбира ваквите екстреми. За жал, потфрли и севкупниот општествен систем затоа што во името на некаков погрешно разбран демократски плурализам не ги оневозможи овие индивидуи од натамошно загадување на јавниот простор“, констатираше Пендаровски.
Iстакна дека механизмите на правната држава едноставно мораат на време да ги санкционираат сите оние кои користат говор на омраза кон политичките противници, кои навредуваат или се закануваат на луѓе од друга вера или нација и порача дека мора да бидат забранети политички партии и невладини организации кои работат спротивно од декларираното во основачките документи и, во суштина, ја злоупотребуваат демократијата како неспорна вредност на модерниот свет.
„Со други зборови, државата мора системски и навреме да ги маргинализира оние кои пропагираат антицивилизациски вредности за да превенираме некои идни убијци кои освен наши граѓани, деца, возрасни или старци, можат повторно да ја убијат и нашата колективна совест“, рече Пендаровски во обраќањето.