Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) стана членка на Европскиот писателски совет (EВЦ), најголемата европска федерација на писателски асоцијации со седиште во Брисел.
На Конгресот на ЕВЦ одржан во Берлин, ДПМ е примена во членство заедно со австриската Интересна група на автори (ИГАА), здружението Дански автори на фикција и поезија (ДСФ) и француските Национална асоцијација на автори и композитори (СНАЦ) и Граѓанско здружение на мултимедијални автори (СЦАМ).
Со приемот во ЕВЦ на Друштвото на писателите на Македонија му се отвораат можности за различни форми на соработка со 160.000 писатели и преведувачи од 46 организации од 30 европски земји.
Во име на ДПМ на Конгресот на ЕВЦ во Берлин се обрати македонскиот писател Стефан Марковски, кој наглси дека силно верува оти самото пишување е посебно креативен, но и уметнички процес на ниво на комуникација, кој се протега надвор од границите на јазикот.
Тој порача дека од самото формирање на 13 февруари 1947 година, Друштвото на писателите на Македонија и неговите членови се во самиот епицентар на книжевните манифестации, инкорпорирајќи го основањето, но и тековните активности на меѓународните литературни фестивали, како што се Струшките вечери на поезијата, Рациновите средби, Празник на липите и другите книжевни настани.
– Друштвото ја промовираше широко распространетата и континуирано развојна употреба на македонскиот јазик во сите литературни жанрови веднаш по неговата официјална кодификација, врз основа на идеите на Крсте Петков Мисирков, активности со сопствен придонес кон меѓународното признавање на македонскиот јазик на Третата Конференција на ОН за стандардизација на географските имиња, одржана во Атина во 1977 година, истакна Марковски.